Погрешно декларирани 635 кутии со МРП вакцини

Налепници со декларации од претходниот увоз завршиле на амбалажата на 635 кутии со МРП вакцини. Ова е заклучокот на внатрешната контрола, иницирана од министерот Филипче, откако, во ек на епидемија на морбили, родител на социјалните мрежи објави фотографија на која се прикажани вакцини со поминат рок.

Од Министерството за здравтсво потенцираат дека на ниту една од МРП вакцините не и ѝ изминал рокот.

-Залепените декларации биле од претходниот увоз, кои бил со важност до октомври 2018 година. Тие се пронајдени во здравствените домови во Крушево, Струга, Велес, Демир Хисар, Крива Паланка, Вевчани, Охрид и Скопје. Сите дози од МРП вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител „Глаксо Смит Клајн од Белгија“. На секоја кутија вакцина и на секое шишенце вакцина има т.н воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година, соопштија од Министерство за здравтсво.

Инспектори на терен ќе продолжат со контролата за да утврдат дали има од вакцините со погрешни декларации во вакциналните пунктови во останатите градови.
Во меѓувреме, расте бројот на заболени од мали сипаници. За едно деноноќие на Инфективната клиника завршиле уште 8 дечиња.
Надлежните работат на законско решение со кое, ќе се поттикнат сите родители да ги вакцинираат децата.

На стартот на второто полугодие од учебната година, ќе има и теренска вакцинација по училиштата.


Сања Трајковска Ставров