Погреб на папата Бенедикт XVI – речиси 200.000 луѓе оддадоа почит

Повеќе од 120 кардинали, над 400 бискупи, 4000 свештеници, десетици илјадници луѓе – се собраа пред базиликата Свети Петар во Ватикан на погребот на поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти. Некои почнаа да пристигнуваат во Ватикан уште во четири часот наутро, пет и пол часа пред почетокот на погребот, кој го водеше папата Франциск.

Безбедносните проверки почнаа уште пред зори за верниците навреме да го заземат своето место на плоштадот Свети Петар. За обезбедување на настанот повикани беа дополнителни илјада италијански полицајци, а од безбедносни причини воздушниот простор над Ватикан беше затворен.

Церемонијата свечена и скормна – токму како што би сакал Бенедикт Шеснаесетти. Поранешниот поглавар на римокатоличката црква, почина на 95 години, на 31 декември. Тој беше папа од 2005 до 2013 година, кога поднесе оставка, со што стана првиот папа во 600 години кој го направил тоа со образложение дека е стар да ја врши таа должност и од тогаш живееше во Ватикан.

Во трите дена колку што беа изложени посмртните останки, од поранешниот папа се простија околу 200 илјади верници. Церемонијата на погребот започна во 8 часот и 50 минути по локално време. Ковчегот со смртните останки беше изнесен на плоштадот „Свети Петар“, каде се служеше миса. Церемонијата ја водеше актуелниот папа Франциск.

Според традицијата, Бенедикт Шеснаесетти е погребан во три ковчези. Неговото тело е положено во ковчег од дрво од чемпрес, во кој има монети исковани за време на неговото папство, неговата литургиска облека и метален цилиндар каде пишува детали за годините кога тој беше на чело на римокатоличката црква. Тој ковчег од чемпрес е ставен во поголем ковчег од цинк, кој пак е сместен во уште поголем дрвен ковчег. Познавачите велат дека сите три ковчези симболизираат дека папата е обичен смртник. Вториот ковчег од цинк симболизира долготрајност, а третиот, дрвениот, симболизира достоинство.

На погребот присуствува голем број државници, шефови на држави, премиери, министри. Италија беше претставена од претседателот Серџо Матарела, Германија од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и канцеларот Олаф Шолц, а Франција од министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен. На церемонијата присуствуваа и кралот на Белгија – Филип, претседателите на Полска и на Того, поранешната шпанска кралица Софија.

Од Македонија присуствуваше делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, односно митрополитот Тетовско-гостиварски епископот Јосиф и од професорот на Богословскиот факултет, ѓакон Стефан Гоговски.

Адријана Алексиеска

Advertisements