Поголем економски раст, но и повисока инфлација очекуваат економистите

Зголемената минимална плата и порастот на увозните цени ќе ја забрзаат инфлацијата. Поголем економски раст, но и повисока инфлација во следните две години се очекувањата на економските аналитичари наведени во последната јунска анкета на Народната Банка. За годинава, експертите очекуваат стапката на инфлација да изнесува 1.6%, догодина да се зголеми на 1.8%, а во 2021-та да достигне 1.9%.

„Умереното забрзување на инфлацијата, испитаниците го објаснуваат со повеќе фактори, како што се зголемената минимална плата, повисоката домашна побарувачка, повисоките цени на енергијата согласно очекуваниот раст на цената на нафтата на светскиот пазар, како и општиот раст на светските цени на примарните производи“

Анкетираните аналитичари очекуваат економскиот раст на земјава да изнесува 3.1% годинава, а да забрза на 3.3, односно 3.6 отсто во следните две години. Оптимизмот го темелат на добрите резултати во првите 3 месеци, најавените евроатлантски интеграции, инфраструктурните проекти кои треба да се реализираат, растот на потрошувачката на населението како резултат на растот на просечната плата, кредитирањето и пониската невработеност.

Лани економијата заврши со раст од 2.7%, а во 2017-та стагнираше со нула отсто раст. Најслаба алка беа нереално проектираните капитални инвестиции, кои не се реализираа, а парите за нив, со ребаланс на буџетот беа пренаменети за помош на презадолжените општини.

Истиот тренд продолжи и годинава. Во првите 5 месеци, од вкупно планираните капитални проекти, реализирани се неполни 14%.

Тања Попова