Поголемиот дел од Арачиново и денеска, трет ден по ред е без струја

Жителите на Арачиново на протест пред ЕВН откако веќе трет ден се без струја. Според компанијата, преоптоварувањето на трафостаниците поради незаконско користење на електричната енергија довело до голем дефект, што го оставило 80% од Арачиново без струја, заедно со населените места Орланци и Мојанци.

Жителите бараат итна средба со надлежните од компанијата. Тие се жалат дека постојано се соочуваат со недостиг на струја како и дека цените за електрична енергија биле превисоки.

Граѓаните на протестот добија поддршка и од градоначалникот Ридван Ибраими.

– „Неприфатливо е сите овие граѓани на овој ден да се соочат со голема неправда. Континуирано ја следиме состојбата, не знам чија е целта, кому му одговара ситуацијата да ескалира, неприфатливо е нехуманото однесување на компанијата ЕВН. Обврска на компанијата ЕВН е да преземе итни мерки, да воспостави ред и ред како и во сите други општини, само ова бараме, ништо повеќе“ – изјави на протестот Ибраими.

Од ЕВН велат дека селото не е безбедно за нивните екипи кои постојан биле мета за жителите и затоа не можеле да интервенираат и да го порпават системот.

– „Во Арачиново нашите екипи многу често се соочуваат со вербални и физички напади од страна на мештаните, со што во целост им се оневозможува работењето. За да се работи мора да се создадат услови за нормално работење, како за дефекти така и за реконструкција и модернизирање на мрежата. Сѐ додека не постојат нормални услови за работење и има спречување во работата, нема да постои можност за санација“ – Велат од ЕВН.

Според засега непотврдени податоци, трафостаниците низ општината бележат загуби од 65 до 96% од електричната енергија. Во февруари годинава, според неофицијалните пресметки во овој регион биле украдени вкупно 2.800 мегават-часови, што на годишно ниво се повеќе од 20 илјади мегават-часови, односно, околу 6 милиони евра.
Ова не е прв пат жителите на Арачиново да протестираат поради струјата, по неколку дена секогаш им била вклучувана а проблемот со наплатата останувал нерешен.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста