Поглаварот на ИВЗ под лупа на обвинителството – отворен случај за говорот на омраза.

Кривичната пријава за говор на омраза поднесена за поглаварот на ИВЗ за навредата кон македонскиот народ од Хелсиншки стигна во Јавното Обвинителство и отворен е предмет по истата. Од МВР ни потврдија дека Секторот за компјутерски криминал ја пречешлал базата на податоци и целиот случај е процесуиран до надлежното обвинителство.

– ОЈО отвори случај по кривичната пријава за говор на омраза против поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи. Предметот веќе е распределен кај надлежен јавен обвинител кој ги утврдува доказите, ни одговорија од ОЈО.

Хелсиншкиот комитет за човекови права побара итно решавање на случајот, бидејќи како што стои во пријавата недозволиво е верски водач вака да влијае на граѓаните.

– Користењето говор на омраза од страна на вршител на висока верска функција и човек со големо влијание во јавноста е особено опасно и недозволиво. Во една мултиетничка и мултиконфесионална држава, верските лидери треба да се свесни за својата улога и да дејствуваат во духот на толеранцијата и соживотот, а не да иницираат и разгоруваат нетрпеливост и омраза, стои во пријавата.

На церемонија во скопско Арнакија, Реџепи ги оквалификува македонците како див народ без идентитет.

По уцената и ултиматумот кој му го постави Реисот на ИВЗ пред неколку недели за случувањата со Али пашината џамија, премиерот денеска се дистанцираше од било каква осуда за јавниот говор на Реџепи – вели политиката нема да влијае врз верските заедници.

За разлика од него, потпретседателот на СДСМ Зекири вчера распали по попглаварот на ИВЗ нарекувајќи го резил Реис, му порача дека позицијата ја узурпира со Калашникови, со закани и сеење страв. Повеќе од 10 години трае неговото самоволие во таа институција, вели Зекири.

Говорот на Реџепи предизвика лавина реакции за осуда. Реагираше и Комисијата за односи меѓу верски заедници, кои велат недозволиво е човек кој предводи верска заедница да има ваков наратив. Последното однесување на Реисот наиде на жестока осуда и од самите верници муслимани, кои побараа интервенција на надлежните институции, бидејќи ова не е прв пат Реисот да упатува пораки кои предизвикуваат верска и национална омраза.

Ивана Соколовиќ Најдова