Повторно датум за датум: Прифаќањето на францускиот предлог не значи старт на преговори

Дури и да го прифатиме францускиот предлог, Македонија нема да ги започне преговорите за членство во Европската Унија. Реалноста е дека ќе добиеме прва меѓувладина конференција, за сликање на политичарите. Реалните преговори ќе ги започнеме дури кога Бугарите ќе влезат во Уставот, се до тогаш ќе имаме само еден состанок и ништо повеќе. Тоа ни го потврдија и премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

-Во моментот кога ние ќе се согласиме со преговарачката рамка и сите останати држави членки на ЕУ ќе биде свикана првата меѓувладина конференција на која што ќе се разговара понатаму за наредните чекори и за официјалното усвојување на преговарачката рамка, бидејќи е тоа многу важен документ. Документ кој што ги утврдува правилата и основите на текот на разговорите, односно преговорите со Европската унија и документ всушност претставува основа за понатамошно драфтирање, изјави Маричиќ.

Дека само прифаќањето на францускиот предлог нема да биде доволно за стартување на преговорите јасно е напишано и во документот на Макрон, каде се вели дека Македонија ќе ја добие првата меѓувладина конференција, но за втората ќе мора да биде променет Уставот и да влезат Бугарите. За уставните измени потребни е двотретинско мнозинстов што е јасно дека власта го нема, а опозицијата најави дека нема да поддржи никакви промени во Уставот.

Токму овој дел од францускиот предлог е еден од оние со кои бугарските политичари најмногу се фалат, во неколку наврати премиерот во заминување Кирил Петков, потенцираше дека Македонија нема да почне преговори, додека Бугарите не влезат во Уставот.

Матеја Петровски