Повредените во автобуската несреќа кај Ласкарци почнаа да ги добиваат ветените пари

Четири месеци од сообраќајната несреќа што се случи кај Ласкарци, а по објавата на Алфа, повредените конечно добија парична помош од по 15.000 денари, ама само од општина Гостивар. Тие сè уште чекаат исполнувања на ветувањата од Град Скопје.

Изборите ја одолговлекле исплатата на сретствата за семејствата на загинатите и на повредените велат за Алфа од Град Скопје. Од 25 февруари, кога беше донесена одлуката до први април, кога започна изборната кампања, се прибирала документацијата, се правдаат оттаму.

-Градот Скопје, на секое семејство кое изгуби свој член ќе додели парична помош од 100.000 денари во нето износ, а на повредените по 30.000 денари. Изминатиов период се подготви целата потребна документација за исплаќање на еднократната помош, а за исплаќање на истата се чекаше завршувањето на изборниот процес. Сите постапки се завршени и исплатата ќе започне во најскоро можно време, согласно законски предвидените процедури, велат од Град Скопје.

Изговорот дека поради изборите не се исплатиле парите порано, претходно беше даден и од страна на градоначалникот на Гостивар Таравари.

Владата пак, во април вети дека повредените ќе бидат ослободени од плаќање партиципација при користењето на здравствени услуги. Од таму на прашање на Алфа посочија дека провериле во ГОБ „8 Септември“, и според нив, на ниту еден од повредените не му било наплатено. И побараа доколку се случил пропуст, да се пријави од страна на пациентите, без да прецизираат каде точно граѓаните треба да се обратат.

Дел од повредените, што побараа да останат анонимни, тврдат дека плаќале по 100-тина евра за операции и велат „не знаеме каде треба да пријавиме за да ни бидат вратени парите“.

Во сообраќајката кај Ласкарци, кога гостиварскиот автобус на „Дурмо Турс“ излета од патот на 13 февруари загинаа 16 луѓе, а со повреди се здобија триесеттина. Обвинителството констатира дека причината за несреќата се неисправност на возилото, поточно на сопирачките, и брзо возење. Возачот, сопственикот и раководителот на „Дурмо Турс“ се во куќен притвор.

Сања Трајковска Ставров