Поврат на ДДВ: незаинтересирани пензионери и проблеми со мобилната апликација

Низа проблеми со мобилната апликација за скенирање фискални сметки и поврат на ДДВ. Граѓаните тврдат дека апликацијата има бројни маани – не можеле да стават било кој пин што започнува со нула, да променат пин, да скенираат фискална сметка со лош принт на бар кодот и слично. Велат дека за да извлечат максимум поврат на ДДВ, ќе бараат две или повеќе фискални сметки за купените стоки чија вредност го надминува лимитот од 30 илјади денари.

Пензионерите и оние што немаат е-маил и мобилен телефон, се најмалку запознаени, но и најмалку заинтересирани да станат дел од овој проект. Велат многу малку трошат, па и немаат што да враќаат назад.

„Јас на стари години не очекувам такви работи“

„Јас сум сама. Што купувам толку, па да враќам?„

„Ќе им дадам на блиските, на децата или на тој што му треба“

„Досега скенирав 3 сметки. Мислам дека годишно ќе вратам 30 илјади денари“ – велат граѓаните.

Од УЈП велат дека граѓаните можат да се заштитат ако продавачите, келнерите и сите што издаваат фискални сметки, направат некоја манипулација и ги скенираат сметките пред да им ги врачат. Апелираат луѓето да побараат поништување на сметката и издавање нова.

За потсетување, апликацијата „Мој ДДВ“ е се уште недостапна за корисниците на Ајфон. УЈП чека на одобрување на апликацијата од „Apple“.

Управата, дополнително постави 36 киоск апарати во канцелариите на УЈП ширум земајава на кои ќе може да се скенираат фискалните сметки.

Право на поврат на ДДВ, има секој над 15 години, со сметка во банка и регистриран во електронскиот систем на УЈП.

Апликацијата не ги чита сметките без баркод и фискалните издадени од фирми што не се ДДВ обврзници. Такви се дел од таксистите и малите продавници и бутици.

Тања Попова