Поврат на ДДВ: корисниците на ајфон извисија, тежок процес за пензионерите

УЈП стартуваше со мерката за поврат на 15% од ДДВ. На првиот ден од проектот, корисниците на Ајфон извисија. На нивните телефони, не е достапна мобилната апликација, па ќе треба да ги чуваат сметките максимум 10 дена за да можат да ги скенираат. Од УЈП не прецизираа кога за нив ќе биде достапна апликацијата. Сепак, им препорачуваат на другите корисници, истата да ја спуштат преку линк на веб страницата на УЈП, а не преку платформата Google play store, бидејќи голем број корисници денеска не успеаја да ја најдат и инсталираат.

„Очекуваме во наредните денови апликацијата да биде достапна за преземање и од „Apple Store“ за корисниците од „iOS“ оперативниот систем, бидејќи станува збор за мултинационална компанија која работи со посложени административни процедури при поставување на апликациите. Невалидните фискални сметки немаат бар код и поради тоа нема да може се изведе скенирањето. Доколку граѓаните сакаат да пријават даночен обврзник кој не издава фискални сметки, или издава компјутерски сметки, тоа ќе може да го направат на телефонската линија 198, или преку анонимна пријава и сето тоа да се процесира“ – вели Сања Лукаревска, директор на УЈП.

Исклучок од мерката се сметките за комуналии. Граѓаните не можат да ги скенираат ниту пак, сметките од таксистите, бидејќи не содржат бар кодови, а најголем број од нив не се даночни обврзници.

Најголем проблем ќе имаат пензионерите, како и граѓаните кои немаат е-маил или мобилен телефон. Тие ќе треба да отидат во канцелариите на УЈП за службениците да ги евидентираат, а потоа сметките да ги скенираат на посебни киоск апарати на кои е инсталирана апликацијата.

Од буџетот ќе бидат издвоени 50 милиони евра за поврат на ДДВ. Експертите предупредуваат дека од повратот ќе се офајдат само најбогатите 5% од граѓаните и дека во легалната економија треба да се вратат најмалку двојно повеќе пари, за проектот да биде успешен.

Треба да се внимава една сметка да не надминува 30.000 денари, а вкупно платениот ДДВ на месечно ниво да е помал од 4.000 денари. Еден човек може да врати најмногу 7.200 денари годишно. Првата исплата ќе биде во декември.

За да се добие максимален поврат, едно 4-члено семејство ќе треба да потроши годишно меѓу 17.000 и 62.000 евра, односно секој треба да има плата меѓу 360 и 1.300 евра.Најсиромашните домаќинства ќе добијат поврат од само 738 денари.

Тања Попова