Повисоки плати, повисоки даноци-Власта се фали дека економијата ќе ни тргне на подобро

Нова година, стари очекувања. По катастрофалната реализација на капиталните инвестиции лани од само 47%, Владата повторно е оптимист дека оваа година ќе биде поинаква. Премиерот тврди дека техничките пречки конечно биле отстранети, па инфраструктурните проекти како автопатите, железницата кон Бугарија и изградбата на гасоводот ќе продолжеле со посакуваната динамика. Еден од долгоочекуваните проекти, патот Скопје-Блаце треба да почне да се гради. Додека Македонија допрва почнува, Косовската Влада веќе финишира со патот до границата со земјава.

Владата не отстапува ниту од намерата да собере 25 милиони евра повеќе од зголемениот персонален данок. Иако ИТ секторот алармираше дека ваквото решение ќе ја зголеми сивата економија и ќе го забрза иселувањето на младите, Заев и натаму тврди дека даночната реформа нема да удри врз нив, бидејќи просечната плата од 60 илјади денари била многу пониска од сумата на која ќе се пресметува повисокиот данок. Министерот Тевдовски, пак, тврди дека во земјите со поголем стандард луѓето плаќаат повисоки даноци, па затоа годинава ќе расте и минималната плата, која сепак, најверојатно повторно нема да биде доволна за да се исполни ветувањето од просечна плата од 500 евра.

Владата останува на проекцијата за економски раст од 3.2% годинава, проследен до дефицит од 2.5% и инфлација од 2%. Тој треба да се базира на повисоки плати, нови вработувања и странски, но и домашни инвестиции.

Тања Попова