Повисока минимална плата ќе удри врз бизнисот

Компаниите не се доволно финансиски моќни за нов раст на минималната плата. Откако Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека секое зголемување на минималецот од 10% може да доведе до пораст на невработеноста кај младите и неквалификуваните за 2 отсто, работодавците велат дека и пред година и пол едвај имале пари за 12 илјади денари месечно по работник. Ново поместување на минималецот за нив би било погубно, дел од нив ќе западнат во финансиски потешкотии, а некои ќе го намалат и бројот на вработени.

За министерката за труд Мила Царовска со порастот на минималната плата се постигнале посакуваните резултати. И додека премиерот Заев најавува ново законско зголемување на минималецот, а ММФ предупредува дека дел од невработените ќе почнат да работат „на црно“, министерката тврди дека има стратегија за борба против сивата економија.

Во предизборниот „План за живот“ СДСМ предвидуваше минималната плата во земјава да го достигне прагот од 16 илјади денари до истекот на мандатот. Пред година и пол, кога минималецот се искачи на 12 илјади денари месечно, фирмите бурно реагираа, но Владата не се откажа. За да им помогне предвиде и субвенции за полесно да ги  исплатат работниците, но по само неколку месеци им ги скрати парите со буџетска прераспределба. Тогаш Владата тврдеше дека парите не се искористиле бидејќи компаниите имале средства, но бизнисот потенцираше дека никој не сакал да земе нешто од државата поради страв од инспекции.