Повеќе шетачи, помалку купувачи: Нема голема новогодишна шопинг еуфорија ни во трговските центри

Кризата ја намали новогодишната еуфорија. Шопинг моловите полни, ама ќесите попразни . Викендов можеше да се забележи гужва низ шопинг центрите во главниот град, но традиционалното предновогодишно пазарување е помало за разлика од минатите години. Празничната еуфорија годинава во минимални дози, за разлика од претходно.

Граѓаните по се изгледа за прошетка ги одбираат повеќе трговските центри од центарот на градот, бидејќи таму може барем колку – толку да се забележи новогодишната магија и да се израдуваат најмладите на новогодишните украси, наспроти градскиот плоштад кој остана скромно украсен , а булеварите се без светлото на новогодишните празници.

 Иако испраќаме година која беше економски тешка за преживување , изгледа граѓаните колку – толку се обидуваат да ја доживеат најлудата ноќ.

Тоа што  не се чувствува празничната еуфорија не е изненадувачки ако се земе во предвид фактот дека , годината што изминува беше одбележана како година во која граѓаните едвај врзуваа крај со крај. Само за задоволување на основни производи на едно четиричлено семејство во ноември му беа потребни 51 илјада денари, што не се ниту две минимални плати.  Стравот од празни џебови останува и за новата 2023… но за миг секој сака да се опушти и барем за кратко да подзаборави.

Кристина Алексиеска

Advertisements