Повеќе реформи на хартија отколку во пракса, сивата економија и корупцијата најголеми проблеми

Владата мора што побрзо да ги имплементира економските реформи и да го скрати јавниот долг, бидејќи тој е товар за идните генерации – порача Валтер Дефа, советникот на Меркел во македонската влада. Тој вели дека Владата прави некакви напори за средување на јавните финансии, но нема многу простор за фискални расходи. Препорачува при креирање на буџетите, секогаш в офокусот да бидат јавните инвестиции, инфраструктурните проекти, бидејќи тие носат економски развој.

Тој советува и поголема борба со сивата економија. Вели законите не се почитуваат, а државата не го собира максимумот од даноци и придонеси.

„Во 22-23% од случаите имаме примери каде што законите не се почитуваат, ретко се плаќаат даноци. Ова е голем проблем за државата, но треба и компаниите и граѓаните да се држат до правилата. Треба да се земе в предвид и корупцијата, бидејќи тоа е голем проблем и кочница за развојот“ – вели Дефа.

Министерот за финансии Тевдовски пак смета дека земјава е лидер во спроведувањето на економски реформи од сите земји од Дијалогот со Европската Унија. Призна дека треба уште многу да се работи за намалување на невработеноста, елиминирање на сивата економија и поголема соработка на домашните со странските компании.

Искуствата на државите кои со години се членки на Европската Унија се позитивни. На пример Летонија и Словенија го дуплирале БДП по глава на жител по влезот во европското семејство.

Тања Попова