Повеќе општини оставени без вода, поради неплатена струја исклучени се водоснабдителните пумпи

- Жители од повеќе општини оставени без вода; ЕВН им ја исклучила струјата на комуналните претпријатија заради неплатени долгови –
Неколку илјади жители од повеќе, главно помали општини во земјава, од синоќа се оставени без основниот и со закон загарантиран услов за живот – водата. Причина, ЕВН им ја исклучила струјата на јавните комунални претпријатија заради неплатени долгови, со што престанала и работата на водоснабдителните пумпи. Во моментов, најкритична е состојбата во општина Дебарца, каде за повеќегодишен долг од 15 милиони денари, освен седум села, без вода е и Меѓународниот аеродром, но и Болницата „Систина“, како и училишта.
„Значи, сите пумпни станици вчера во 18 часот се исклучени…Долгот е од 2013 година досега, и е 15 милиони. Моментално во овие населени места: Мешеишта, Издеглавје, Требеништа…, болницата, школите, се околу 2.000 луѓе кои што немаат вода, а и немаме на природен тек да им донесеме зашто се покрај езеро, полски села се и се снабдуваат со пумпни станици. Ние ќе правиме обиди со субвенции од општината, со други некои донатори тоа да го расчистуваме, тие долгови, ама вака преку ноќ, за еден ден, ние тоа не можеме да го средиме“- вели ДИМЧЕ АНДРЕСКИ, директор на ЈП за комунална дејност „Дебарца“.
Ништо подобра не е состојбата и во општина Долнени, каде над 3.000 луѓе од две населени места немаат капка вода. Долгот кон ЕВН бил над 5 милиони денари, трупани со години, а комуналното претпријатие овие пари ги нема.
„Од вчера сме исклучени во н.м. Црнилиште каде имаме скoро 3.000 жители, останати без вода се и во с. Дупјачани со 200 жители…Ние како јавни претпријатија не сме во можност сега да го платиме целиот долг, тоа нема шанси. Сега ни се случи ова со покачувањето на минималната плата, со зголемувањето на трошоците каде што ние како јавно претпријатие сме блокирани и работиме со блокирана сметка. Проблематично е што ние не смееме на граѓаниве да им исклучиме вода на тие што не плаќаат, а сега еве, ЕВН смеело“, – ни рече МИЛАИМ АМЕДИ, директор на ЈКП „Долнени“.
На истите маки вчера било и комуналното претпријатие од Демир Хисар, кое, за среќа, со помош од општината, која сервисирала дел од долгот, краткорочно го решило проблемот. Струјата била пуштена, а граѓаните добиле вода. „Но тоа е само краткорочно решение. Покачувањето на минималнитре плати, на трошоците, на струјата, си го земааат својот данок. Ние должиме 2,5 милиони денари, за што вчера, ЕВН без вода остави околу 20 села и градот“, – загрижено ни рече ГОЦЕ МИЦКОСКИ, директор на ЈКП од Демир Хисар.
Со оглед на тоа што се работи за незаконско скратување на еден од основните услови за живот – водата, став побаравме и од ЕВН. Но, до овој момент, оттаму не добивме одговор.
Инаку, истиов проблем, од вчера го имаат и уште неколку други општини, а меѓу нив се и Валандово Кривогаштани и Крушево.
Каролина Дурло