Повеќе активни пожари низ земјата- човечки фактор главен причинител

Повеќе пожари во моментов се активни на територијата на Македонија. Најкритична е ситуацијата во Велешко. Само утрово, во овој реон биле пријавени  4 пожари и тоа во Џидимирци, Каласлари, Оморани и Богомила.  По тешка борба со стихиите, три успешно биле локализирани, но се уште има еден активен, вели командирот на против пожарната единица во Велес, Љупчо Лепидовски

Во гаснењето на пожарите биле вклучени  од ШС „Бабуна“, Територијалната Противпожарна Единица од Велес, Скопје и Свети Николе како и вработени од ЈП „Македонски шуми“ од Скопје. Инаку, во текот на вчерашниот ден  во велешкото село Караслари избувна пожар, кој зафати  околу 40 хектари квалитетна борова шума. Пожарот беше изгаснат од пожарникари од Велес, вработени од шумското стопанство „Бабуна“ како и од Шумската подружница од Свети Николе. Шумскиот пожар го гаснеа и два авиони „канадер“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Над 100 хектари квалитетна борова шума, изгоре во Велес оваа недела.

Голем шумски пожар кој избувна синоќа, се уште е активен во северниот регион на општина Кичево, во близина на РЕК „Осломеј” до селото Жубрино.Гори нискостебласта шума, а на терен активни се локалниот центар за справување со кризи и противпожарните екипи, а ангажирани се и припадниците на дирекцијата за заштита и спасување, шумскато стопанство “Лопушник” како и локалното население .

Од шумското стопанство “Лопушник” информираат дека, покрај пожарот до село Жубрино, активен е уште еден пожарот до селото Вранештица, во јужниот дел од општината. Во речиси сите случаи, причинители за стихиите се човечки фактор, тврдат надлежните и апелираат граѓаните да бидат внимателни.

Јована Грчева