Плетвар повторно критичен, надојдената вода кај тунелите, носи се’ пред себе
Од рано утринава, превојот Плетвар, на делницата каде што се градат двата нови тунели на патот Прилеп-Градско, повторно наликува на сцена за апокалиптичен филм. Снимките кои што ги пуштаат граѓаните по социјалните мрежи, се повеќе од страшни. Поројниот и долготраен дожд предизвикал излевање на Раечка река и го направил патот непрооден, постоечкиот тунел го наполнил со вода, а големата вода преидизвикала свелечиште и одрони на карпи. Гневните граѓани бурно реагираат и обвинуваат за нестручо изведување на градежните работи кои траат со години.
„Го стеснаа коритото на реката, сега водата нeма каде да оди, па ќе оди по коловозот“, „Прелеа реката, ова не е пат. Ова е убиство“, „Само дали и кој ќе преземе одговорност?!“, „Секоја година по два метри да правеа, досега ќе имавме и мостови и патишта, ама кај нас само се кради“, „Во цевка Фи-100 цела река сакате да соберете“, „И’ го зедоа патот на реката, никогаш овде немало вакви поплави“, „Со нестручност и незнаење не се гради пат, само профит ги интересира, ќе изгинеме по патиштава никакви“, се само дел од лавината коментари на социјалните мрежи.
Од ЦУК информираа дека од утринава сообраќајот на Регионалниот пат Прилеп-Градско беше во целосен прекин, заради поплави и свлечишта и одрони на карпи кај тунелите на Плетвар и кај Мотелот Дреново. Тим од Полициската станица Градско и екипа со механизација испумпуваа вода и го расчистуваа патот. Ова е вторпат за само два дена овде да има вакви апокалиптични и крајно опасни поплави. А истото се случи и лани, во истиот овој период и на истото место.
Инаку, изградбата на овој пат трае речиси една деценија. По промената на власта во 2016-та година имаше неколкугодишен целосен прекин на градежните работи. Па, откако како-така, се продолжи изградбата, првичните најави беа дека истиот ќе биде готов до крајот на 2019-та година, за потоа тој рок да биде пролонгиран до 2020-та година, а сега пак, до 2023-та.
„Вредноста за изградбата на овој Експресен пат е 33,3 милиони евра. Претходно беа реализирани 35 проценти кога претходниот изведувач „Рубау“ ја напушти трасата. Денес Комапанијата „Сино Хидро“ има обврска да го дозигради останатиот дел во предвидениот рок. А крајниот рок е јуни-јули 2023 година“, – изјави на почетокот од септември во 2021 година, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Каролина Дурло