„Платформа 27“: Животната средина мора да биде приоритет – потребни се силни институции и поголеми инвестиции

Покрај владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, Македонија треба да ги приоретизира прашањата за животна средина и енергетика затоа што меѓу другото ова се сектори кои бараат огромни подобрувања во административните капацитети но и подобра и поголема мобилизација на финансиски ресурси, посочуваат од „Платформа 27“.

– Во новиот извештај на Европската комисија се забележани подобрувањата во законодавството за квалитетот на воздух, но потребни се посериозни инвестиции во сите клучни сектори. Истa е ситуацијата и со постигнувањето на таргетите за реализација на климатска неутралност, додаваат тие. Од „Платформа 27“ појаснуваат дека иако имаме нацрт закон за климатска акција сепак се уште е нејасно дали и кога истиот ќе се усвои.

– Единствено преку поголеми инвестиции и силни институции можеме да очекуваме спроведување на законодавството за животна средина. Потребно е да се одвојат повеќе средства од Буџетот за животната средина. Исто така граѓанските организации очекуваат да бидат вклучени во преговарачкиот процес за Поглавје 27, но и во процесот за спроведување на Зелената Агенда, затоа што соодветното вклучување на релевантните чинители во консултативните процеси се предуслов за ефективна имплементација на принципите на Зелената Агенда на национално ниво, вели претседателката на Центарот за климатски промени, Бојана Станојевска Пецуровска, а воедно и координаторка на „Платформа 27“.

Таа додава дека државата треба сериозно да работи на подигање на свеста на граѓаните со цел граѓаните да го надминат синдромот „не во мојот двор“ кој што претставува сериозен проблем за изградбата на регионалните депонии и воспоставување на интегриран систем за управување со отпад. Според „Платформа 27“ во однос на управување со отпад, државата има многу добра стратешка и законска рамка, но спроведувањето и натаму останува предизвик.

– Исто така ако ја земеме предвид новата енергетска криза и енергетската нестабилност потребно е државата уште повеќе да ги засили напорите за зелена и праведна транзиција и сега да работи уште повеќе на приоретизација на овие аспекти, додаваат тие.

Во областа на индустриското загадување и управување со ризик, потребно е да се подобри спроведувањето на начелото загадувачот плаќа. Во однос на хоризонталното законодавство се уште се соочуваме со слаб квалитет на студиите за ОВЖС и извештаите за СОВЖС како и со несоодветното информирање и вклучување на јавноста во процесот на носење одлуки.

– Се соочуваме со недоволен број на инспектори и нема никаков прогрес во однос на преземање одговорност за надомест на штета настаната врз животната средина. Во врска со загадување на водата, државата треба да ги подобри напорите за да го зголеми процентот на пречистена отпадна вода но исто така и да се подобри пристапот до чиста вода за пиење за сите граѓани, посочуваат од „Платформа 27“.

Според „Платформа 27″ процесот на селекција на проектите во рамки на Зелената Агенда кои ќе треба да се финансираат се уште е нејасно како се спроведува, но исто така остануваат нејасни и улогата и одговорностите на одговорните власти во процесот на координацијата помеѓу сите засегнати страни.

– Во однос на заштита на природа, државата треба да ги зголеми активностите околу репрогласување на заштитените подрачја, да се подобри нивното управување, но исто и да работи на студии за валоризација за прогласување на нови заштитени подрачја како и идентификација на Натура 2000 подрачјата, заклучуваат тие. „Платформата 27“ е коалиција на граѓански организации која посветено ги следи состојбите во областа на животната средина во поглед на усогласеноста на националното со европското законодавство и спроведувањето на национално ниво.

Вакви коалиции делуваат и во земјите од регионот и сите се обединети во регионална мрежа за животна средина, а изминатата недела се сретнаа во Брисел со цел остварување на работни средби во Европската комисија на кои беа дискутирани регионалниот пристап и понатамошната комуникација со комисијата околу поглавјето за животната средина.

Advertisements