Пет лица загинаа во стравична сообраќајка во Драчево

Автомобилот „Рено 5 Кампус“ од кој не остана ништо, синоќа однесе пет животи, во близина на скопската населба Драчево.

Кобниот удар во камионот на Комунална хигиена, некаде пред полноќ однесе во смрт тројца мажи и две жени. Најстарата жртва е лице на 54 години, додека најмладата има 37.

Изутрината пак, само деловите од искршениот автомобил на коловозот, сведочеа за големата трагедија која се случи синоќа.

Во близина на скопската населба Драчево синоќа некаде пред полноќ се случи страшна сообраќајна несреќа, во која животот го загубија пет лица. Смачканото возило повеќе не е на коловозот и сообраќајот се одвива во најдобар тек.

Од МВР информираат дека сообраќајната несреќа се случила вчера вечер во 23:40 часот на булеварот Борис Трајковски, а во неа учествувале товарно возило „Мерцедес“ управувано од 44 годишниот М.Ј. и патничко возило „Рено 5“ управувано од 43 годишниот Ј.Л.

-Во несреќата возачот Ј. П. и сопатниците од возилото ‘рено’, С. Н., А. Т. (54) од Скопје, Е. Т. (37) од Скопје и И. А. (40) од Скопје починале на местото. Додека, возачот М.Ј. се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница ‘Св. Наум Охридски’ каде му била укажана лекарска помош и бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото извршил Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител телата на починатите биле предадени за обдукција, информираа од МВР.

Увид на лице место синоќа извршил и  дежурен јавен обвинител од Основното јавно Скопје. Од таму велат дека автомобилот во кој биле жртвите од непознати причини преминал во спротивна лента, при што дошло до директен судар со камионот.

-Според првичните сознанија од увидот, несреќата се случила петнаесетина минути пред полноќ, кога автомобил Рено 5 со скопски регистарски таблички во коj се превезувале жртвите, од непознати причини преминал на спротивната лента на коловозот и директно се судрил со камион за превоз на отпад. Од здобиените повреди починале сите патници во автомобилот, тројца мажи и две жени, информираа од ОЈО.

Полициската статистика покажува дека 129 лица го загубиле животот во 2018 година во сообраќајни несреќи, додека пак бројот на повредени поради неодговорно возење секоја година е речиси 6.000 лица.

Матеја Петровски