Пет животи згаснаа синоќа во Скопје: МВР и ОЈО со детали за тешката сообраќајна несреќа во близина на Драчево

Стравични сцени, згмечен автомобил, пет трагично загубени животи е црниот биланс, од синоќешната сообраќајна несреќа во близина на скопската населба Драчево.

Од МВР информираат дека сообраќајната несреќа се случила вчера вечер во 23:40 часот на булеварот Борис Трајковски, а во неа учествувале товарно возило „Мерцедес“ управувано од 44 годишниот М.Ј. и патничко возило „Рено 5“ управувано од 43 годишниот Ј.Л.

-Во несреќата возачот Ј. П. и сопатниците возилото ‘рено’, С. Н., А. Т. (54) од Скопје, Е. Т. (37) од Скопје и И. А. (40) од Скопје починале на местото. Додека, возачот М.Ј. се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница ‘Св. Наум Охридски’ каде му била укажана лекарска помош и бил задржан на понатамошно лекување. Увид на местото извршил Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител телата на починатите биле предадени за обдукција, велат од МВР.

Увид на лице место синоќа извршил и  дежурен јавен обвинител од Основното јавно Скопје. Од таму велат дека автомобилот во кој биле жртвите од непознати причини преминал во спротивна лента, при што дошло до директен судар со камионот.

-Според првичните сознанија од увидот, несреќата се случила петнаесетина минути пред полноќ, кога автомобил Рено 5 со скопски регистарски таблички во коj се превезувале жртвите, од непознати причини преминал на спротивната лента на коловозот и директно се судрил со камион за превоз на отпад. Од здобиените повреди починале сите патници во автомобилот, тројца мажи и две жени, велат од ОЈО.

Екипа на Алфа телевизија утринава беше на местото на несреќата, згмеченото возило е отстрането од коловозот, а сообраќајот се одвива во нормални услови.