Пет години ги има на хартија но не и на рецепт, контрацепцијата не оди на позитивна листа

Ниту еден контрацептив за безбедни сексуални односи не е на позитивната листа на лекови, информираат од невладината ХЕРА. Нивното последно истражување покажува дека мнозинството од граѓаните имаат незаштитени сексуални односи, односно само 14 проценти од жените во брак или врска користат заштита. Бројките паѓаат последниве десеттина години.  

Во Македонија ниту едно контрацептивно средство сеуште не е на позитивната листа на лекови кои се покриени од фондот, а преку програмата на Владата се обезбедува орална контрацепција, спирали или кондоми, само за исклучително ограничен број на жени од социјално ранливите категории како и жени со повторливи абортуси, изјави Драгана Каровска Чемерска – програмска раководителка, ХЕРА

Како невладина тие успеваат да обезбедат контрацепција за околу 500 до 600 жени годишно, но не е доволно, а треба да биде еден од приоритетите на државните здравствени политики. На нивната иницијатива се приклучи и Центарот за истражување и креирање политики.  

Зошто уште не се спроведени во пракса измените на Законот за здравствено осигурување донесени уште во 2020 година, со кои треба да се олесни начинот на ревидирање на Позитивната листа на лекови, останува енигма. Владата и Министерството за здравство се уште немаат оформено соодветна Комисија ниту пак донесено Правилник за Позитивната листа. Граѓаните се уште плаќаат од џеб за разните таблетки и други контрацептивни лекови, спирали и слично. Цената е висока, па затоа има и сериозни последици кај луѓето… Најмладата пациентка која абортирала, според Комитетот за безбедно мајчинство, имала само 14 години.

Во примарното здравство е потребно се повеќе начини да се изнајдат за да се пристапи до пациентките и правилно да се информираат да не ја добиваат информацијата од несоодветните извори. 14 годишна беше пациентката која што беше најмлада во нашата група опфатена со медикаментозен абортус, изјави Доц. д-р Ана Данева Маркова – претседателка на комитет за безбедно мајчинство

Во оваа сфера, Македонија е оценета со бројка 25, во светски рамки, далеку полошо од сите други, а подобри сме само од Албанија, Јужен Судан, Сомалија и Чад.  

Бојана Златкова

Advertisements

Поврзани вести