Пет години власт СДСМ- ДУИ: Ветувано беше едно, добивме сосем друго во споровите со Грција и Бугарија

Пред пет години ветувани беа брда и долини, по пет години добивме пустина. Дојдоа на власт ветувајќи европска иднина, а тоа што добивме беа години минати во блокади на европскиот пат и лажни датуми за преговори. За дури сега, да добијат фото сесија во Брисел, која ни ја преставија како старт на преговори. Речиси ништо од она што го ветија СДСМ и ДУИ не беше исполнето. Иако, во 2016-та и 17-та Заев и неговата партија ветуваа дека Македонија ќе остане нечепната, тоа што го добивме денеска е сосема друго.

-Зборувајќи за мојата македонштина, таа е истата таа македонштина. Јас реков можете да ми ја чепкате секоја жица и на гитара и на алишта дома и на се, немојте да ми ја чепкате македонската жица, оти изгубен во времето ќе го барам семето, одејќи по жица, изјави Заев.

Уште кога беа во опозицијата за СДСМ имаше обвинувања дека доаѓаат на власт да го променат името, што беше жестоко демантирано од Заев и колегите, па поранешниот премиер дури и се колнеше дека нема да се случи такво нешто.  

-Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух и додека ме држи памет, дека мојот дедо, мојот татко, сите мои предци, јас, мојот син и ќерка, сме Македонци, родени овде во Македонија тоа не може да се случи. И не само тоа, верувам дека не постои роден човек во Македонија да излезе пред Парламент да бара промена на устав, заради промена на уставното име, изјави Заев во минатото.

-Никој не може во Македонија и не верувам дека постои таков човек кој што би дозволил промена на Устав и промена на нашиот идентитет, велеше Заев додека беше во опозиција.

Човекот кој велеше дека не смее да се чепка неговата македонска жичка со насмевка стоеше над тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров во моментите кога се потпишуваше Преспанскиот договор, со кој Заев и власта на Македонија и ја заковаа Северна.

-Да живее Република Македонија, да живее Република Северна Македонија, велеше Заев.

Откако го сменивме името заради Грците, и се понадевавме дека конечно дојде крајот на блокадите, на сцена Бугарите го извадија договорот за добрососедство кој до ден денеска им е оружјето со која ја држат македонија надвор од европа. Токму отстапките кон официјална Софија се посвежи за македонскиот народ, иако и во овој случај ветувањата беа сосем други.

-Преговори по нашиот идентитет, нема и не треба да има, ниту па бара, Бугарија е пријателска земја. Бугарија и јавно истакнува за признавање на македонскиот јазик и македонскиот народ, таа ја признава реалноста и слично, велеше Заев.

-Гаранцијата за идентитетските прашања се потврдени со договорот за добрососедство со Бугарија, тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ, велеше Заев.

Демантот на овие тврдења на власта во Скопје дојде од речиси сите нивни колеги од Софија, а една од нив и поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска.

-Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик, изјави Генчовска.

Наместо жесток одоговор на секојдневните бугарски потчинувања и навреди кон Македонија, нашата власт со целосно одмерен и по бугарски вкус однос. Па за да биде нахранета бугарската глад, се менуваа и историски факти, па така Бугарија наместо фашистички окупатор, стана администратор, а Гоце Делчев покрај македонски стана и бугарски историски херој.

-На територија на регионална Македонија навистина живееле Македонци, кои зборувале македонски јазик, но живееле Бугари кои збореле бугарски јазик. Живееле луѓе кои што се чувствувале во исто време и Бугари и Македонци. Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој што се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се и тоа е апсолутна реалност, изјави Заев.

Крајот на според многумина поразителната надворешна политика на македонската власт е прифаќањето на францускиот предлог, со кој историските барања на Бугарија станаа дел од преговарачката рамка на Македонија за членство во Европската унија. А за возврат на тоа добивме прва меѓувладина конференција со ЕУ за сликање, но не и реален старт на преговорите. Единствено што Македонија доби на меѓународен план беше членството во НАТО, кое дојде откако го променивме името на државата.

Матеја Петровски

Advertisements