Петков ни го претстави „трновитиот“ пат: Дали со проблематичен патоказ ни го најави јунското вето?!

Премиерот на Бугарија Кирил Петков ни го објасни сложениот пат за кревање на ветото. Разговори во Владата, разговори во МНР, разговори со коалицијата, па одлука на Парламентот во Софија, дури тогаш евентуално тргнување на блокадата за Македонија, што е тешко да се очекува во јуни. Петков вели дека покажале јасни позиции на средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Запрашан дали е подготвен да дозволи старт на преговори за Македонија, вели не можел тоа сам да го стори.

-Јас како премиер не можам да направам ништо самостојно. Ако нешто ќе се случи на оваа тема, мора прво да се заснова во рамките на МНР, потоа да се информира владата, да се консултира владината коалиција, да влезе во Парламентот, таму да се гласа и потоа да се преземат обврски. Така што процедурата е многу јасна, тоа се чекорите што треба да се следат, изјави Петков.

Македонија повторно добива декларативна поддршка од Европската унија. Оливер Вархеји со иста порака како оние изминативе години, дека преговорите морале да започнат. 

-Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Во овој контекст, значаен придонес би бил одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Треба да работиме на ова заедно, изјави Вархеји.

Вархеји во Софија се сретна и со министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, која пред неколку дена ни порача дека и внесувањето на Бугарите во Уставот може да биде недоволно за тргнување на ветото.

-Вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Македонија нема да биде доволен за кревање на ветото на Софија за Скопје, Има претставници на кабинетот и различни институции кои, се надевам, веќе разбраа дека Бугарија не може да има две надворешни политики. Ако има некаков напредок за тоа како ќе се развиваат нашите односи со Македонија во иднина, сето тоа ќе помине низ одлука на Националното собрание, ни порача Генчовска.

Вархеји се сретна и со бугарскиот претседател Румен Радев. Бугарија е јасна на својот став, дека нема поддршка за започнување преговори за Македонија, без прифаќање на нивните услови.

Матеја Петровски

Поврзани вести