Петар Колев пак се жали за дискриминација- Македонија била држава колку два кварта во Софија и последен остаток на комунизмот

Македонија држава колку два софиски кварта, последен остаток од комунизмот – ова се зборови кои доаѓаат од Петар Колев. Основач и претседател на политичка партија, основач и претседател на граѓанско здружение. И двете во Македонија, но и човек кој се жали дека е дискриминиран токму во Македонија. Ова по се изгледа е возможно само во државава. Иако и во извештајот на Стејт Департментот се вели дека во Македонија нема дискриминација кон Бугарите, првиот човек на партијата ГДУ, во интерјву за БТВ се обидува да претстави друга слика.

-И ние Бугарите до кога ќе го трпиме тоа? Ако не можеме да се справиме со држава која е колку два кварта во Софија, како ќе ги штитиме интересите на Балканот и во Европа? Од што се плашиме? Од остатоците на комунистичка Југославија? Ние пред светот треба да кажеме што е Македонија. Македонија е последниот остаток од коминтерната и комунизмот, изјави Колев.

Во интервјуто упати и пофалби до бугарската власт, постигнала голем успех со франуцскиот предлог.

-Многу е важно да објасниме без страв дека францускиот предлог е добар за Бугарија. И најважно треба бугарските институции да му кажат на народот „Почитувани сограѓани“, Македонија не ги започна преговорите со ЕУ благодарение на тој француски предлог. Има услов кој тие треба да го исполнат пред да започне со преговорите. И најважно. И најважно ние имаме десетици прилики во кои можеме да кажеме не, изјави Колев.

Сепак ставовите на Колев не беа вакви пред само две години години, тогаш тврдеше дека тој и неговата партија никогаш не се бореле за правата на Бугарите.

-Каде во Македонија вие сте виделе во Уставот или некаде дека постојат Бугари? Каде сте слушнале вие некаква позиција од ГДУ или некој од ГДУ дека се залага за некакви права на некого?, праша Колев на четврти април 2021-ва година.

За Колев можеме да заклучиме дека нема воопшти цврсти ставови, тие се менуваат по се изгледа под влијание на политичката реторика на официјална Софија. Тој само една година по изјавата дека не се бори за никакви права на Бугарите, стана најгасен дека Македонија мора да прифати се што Бугарија ќе побара.

-Сите овие промени, според нас, треба да се случат пред почетокот на преговорите на Скопје за членство во ЕУ, особено промената во Уставот и внесувањето на Бугарите како државотворен народ, изјави Колев на 22-ри февруари 2022-ра година.

Дека не е баш најпрецизен во своите ставови покажуваат и примерите од пред осум и десет години. Во 2015-та говореше…

-Ако очекувате да учествувам во поделба на општеството и на македонското ткиво, не го очекувајте тоа од мене, изјави Петар Колев први декември 2015-та година.

Во 2013-та пак испрати директна провокација, нарекувајќи го македонскиот јазик само дијалект.

-Уште пред неколку години. Но, пред да го продолжиме разговорот би сакал да ве прашам дали сакате да зборувам на книжевен бугарски или на македонски дијалект, изјави Колев на 17-ти ноември 2013-та. 

Партијата ГДУ на Колев е формирана пред пет години. На основачкото собрание тогаш присуствуваше контроверзниот европратеник Ангел Џамбаски, еден од најголемите негатори на македонскиот народ. Инаку, Петар Колев потекнува од Штип, основното и средно образование го завршува во Македонија, а факултет во Бугарија.

Матеја Петровски

Advertisements