});

Пентагон ја соголи приказната на МВР

И Пентагон потврди: седумте македонски државјани, борци на ДАЕШ не се уапсени во акција на МВР, како што вчера преку соопштение македонската полиција сакаше да претстави. Тие биле само предадени односно спроведени на нашата територија, откако претходно биле фатени со помош на Сириските демократски сили и Глобалната антитерористичка организација. Ова во изјава за Си Ен Ен практично го потврдува портпаролот на Пентагон, Ерик Пахон, во која тој ја поздравува одлуката на Македонија да ја прифати групата нејзини државјани, кои како странски платеници се заробени во Сирија.
Со други зборови: МВР само ги презело кога стигнале во земјава.
-Трансферот на странските терористи во нивната земја на потекло, Македонија, претставува значајна пресвртница во неопходните кооперативни напори за борба против глобалната закана од тероризам, изјави вчера за Си Ен Ен, Пахон.
Како што објави Алфа вчера, македонските државјани по кои имаше распишано меѓународна потерица од 2015, односно 2016 година, за време на полициските акции Келија 1 и 2, ќе им се суди во Македонија. Осомничени се дека се бореле на боиштата во Сирија и Ирак на страната на терористите. МВР не дава детали на која територија се лишени од слобода осомничените и дали се преземени од трета земја каде издржувале затворска казна.
Во Македoнија осомничените борци на ДАЕШ стигнаа со авион, вчера утро беше објавено и видео каде специјалци ги спорведуваат осомничените од авион па на писта ги ставата во бетеeри, но снимката молскавично беше тргнатa за по два часа да се постави ново видео пред затворот во Шутка и пред полициска станица. Oд МВР не објаснија зошто првото видео го повлекоа кога и од соопштението може да се заклучи дека осомничените само биле спроведени во Македонија, но не и уапсени на нашата територија, ниту пак во понеделникот ноќта овде во земјата имало некаква акција за борба со тероризмот.
Според Пентагон, Сириските Демократски Сили до јули имаат заробено 600 странски платеници од повеќе од 40 земји. Меѓу нив, имало околу 40 платеници од Русија, 10 од Германија и помал број од Франција. Не е прецизирано дали меѓу нив освен седуммината, има и други македонски државјани.

Искра Коровешовска