Пензискиот скандал дополнително се заплеткува

Власта знаела, но ја објавила пензиската афера со задоцнување. Пари за обесштетување на 12 илјади граѓани на кои не им биле уплаќани придонеси за пензиско осигурување во вториот столб биле предвидени со буџетот за годинава – потврди министерот за финансии Тевдовски. Сепак, кога во ноември го презентираше буџетот за 2019-та, министерството не ги информираше граѓаните дека парите не им биле префрлени од државниот во приватните пензиски фондови и дека поради тоа се во опасност да имаат пониски пензии во иднина.

„Се што е во поглед на буџет и што било побарано во поглед на пензиската реформа и создавање на одржлив пензиски систем и намалување на ризиците за исплата на пензиите е буџетирано и содржано во буџетот за 2019тата.“ – изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Министерството за труд денеска поднесе кривична пријава против непознат сторител до Основното јавно обвинителство заедно со анализата со која биле откриени неправилностите. Тие предизвикаа загуби за 12 илјади вработени кои изгубија 19 милиони евра, односно еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во периодот од 2007 до 2018 година. Овие пари до јули треба да им бидат распределени на оштетените осигуреници, односно секој да добие околу 400 илјади денари.

Од државниот пензиски фонд се правдаат – податоците за плати од Агенцијата за вработување не се совпаѓале со оние од УЈП, за 4 илјади од 12-те илјади осигуреници газдите не уплатиле придонеси, а најголем број на нераспределени осигуреници имало од 2003-та до 2007-та година, а не како што тврдеше Царовска од 2009 и 2010 година. Фондот бара да има регистар на единствени податоци кои ќе ги користат сите надлежни институции.

„Со преминувањето кон интегрирана наплата на придонесот Фондот, ја изгуби надлежноста за контрола и наплата на придонесот, со што се изгуби и можноста да се врши присилна наплата, а и воедно корекција на податоците за осигурениците. Од овие причини постојат осигуреници за кои нема уплата на придонес“ – велат од Фондот за ПИОМ.

Од регулаторот на пензиските друштва, МАПАС, велат дека ќе соработуваат со надлежните институции и дека навреме ќе ги информираат луѓето во кој пензиски фонд членуваат, колку пари биле префрлени и онаму, каде што е потребно, колкаво обесштетување ќе добијат поради тоа што државниот пензиски фонд навреме не им ги префрлил парите во приватниот фонд.

„МАПАС ја известува јавноста дека ќе ги информира членовите за нивната распределба во соодветните пензиски фондови и за средствата кои ќе бидат пренесени на нивните индивидуални сметки, вклучувајќи и надоместок за ненавремена распределба“

Надлежните известија дека најголем дел од оштетените биле првпат вработени и воопшто не добиле “зелен коверт“, односно годишен извештај за уплата на придонесите за пензиско осигурување. И додека СДСМ го прозва ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни за парите на осигурениците, со години наназад кадри на ДУИ директоруваат со Државниот фонд за пензиско осигурување кој ги правел злоупотребите на парите на граѓаните.

Тања Попова