Пензионерите револтирани: Ќе му се случи ли распад на Сојузот на Здруженијата на пензионери?

Се повеќе расте револтот кај пензионерите од односот на Сојузот кој наместо да ги заштитува нивните интереси, влегува во конфликт со нив. Последни со реакција се јавија пензионерите од Гевгелија. Бараат итна промена на раководството. Се жалат на неотчетност и нетранспарентност и обвинуваат за расипничко трошење на нивните пари. Прашуваат зошто во оваа тешка економска криза не се насочуваат повеќе пари за најзагорзените пензионери,туку вештачки се пумпаат непродуктивни ставки.Се сомневаат дека Здружението работи за нечија лична корист.
Тие се жалат дека со овие пензии не можат да го истуркаат месецот – со плаќање сметки и лекови пари за храна немале.
Претходно и пензионерите од Прилеп се пожалија од раководството на Здружението, а некои од нив и го напуштија со нотарска изјава. И битолските пензионери гневни од односот на Сојузот во кој членуваат. Тие бараа превоз за големиот протест во Скопје, но не наидоа на поддршка, па најавија дека ќе бараат помош од градоначалникот.
Пензионерите повеќе од една недела протестираат речиси во сите градови, за утре најавен е масовен протест во Скопје.Тие се децидни дека нема никој да ги предомисли, бараат – минимална пензија од 20 илјади денари и линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари.
Статистиката вели дека една четвртина од пензионерите во Македонија живеат со минимална пензија од 12.600 денари. Само околу 90 пензионери во државата го земаат највисокиот износ што може да се исплати – нешто над 54.000 денари, но тоа се главно луѓе кои печалеле во странство.