Пензионерите од Св. Николе на блокади – и порача на Владата да заборави на покачување од 6 отсто
Светиниколските пензионери излегоа на протести. Со транспаренти и земјоделска механизација, еден час ја блокираа клучката кон Куманово. Бараат линеарно покачување од 3.500 денари без исклучување на поедини категории и пензии. На власта и порачаа да се солидаризира со народот, а во Работната група што вчера Владата најави дека ќе се формира, да учествуваат и пензионери кои секојдневно протестираат поради ниските пензии..
„Да видат сите надлежни во нашата држава, пред се министерството, Владата, Здружението на пензионери , дека нашето незадоволство го изразуваме на ваков начин. Досега не наидовме на разбирање. Не сакаме покачување од 6%, туку бараме линеарно зголемување од 3.500денари на сите пензионери„ изјави Трајче Стаменов, пензионер од Свети Николе
„Зошто не се солидарни и да речат за овој народ ќе дадеме по една наша плата. По 30.000евра што земаат да дадат на овој народ што стои овде на улица. Да им помогнат, да не се по улиците„ порача Благој Цветков, пензионер од Свети Николе.
Скандирајќи Македонија, светиниколските пензионери со транспарентни во рацете побараа оставка од владините функционери на кои им порачаа дека и овие 3.500денари не се доволни за крпен пензионерски живот..
„Тоа е илузија. Воопшто не е доволно, луѓето не можат крај со крај да врзат„ изјави Миле Кралев, пензионер.
„Како што одат цените нагоре, никога нема да биде доволно 3.500, а не линеарно 6%. Тоа да го заборават„ изјави Милка Јованчевска, пензионерка од Свети Николе.
Секојдневни протести пред просториите на здружението во Свети Николе денеска најавија пензионерите, а наредната среда ќе ја блокираат и клучката на автопатот Свети Николе-Штип.
Александра Ристевска