Пензионерите на протест во Скопје – линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, а минималната да биде 18.000 денари
Линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, а минималната пензија да е 18.000 денари. Ова се барањата на македонските пензионери, испорачани од денешниот протестен марш во Скопје. Побараа и да се укине „Сојузот на пензионери“, зашто раководството им го свртело грбот на своите членови. По долго чекање, претставници на пензионерите беа примени од министерката за труд и социјала. Но, нејзиниот став ги олади пензионерите. Министерката смета дека минимална пензија од 18.000 денари е неправедно, а линераното зголемување, би било неуставно.

Ноќе умирам, дење воскреснувам, не знам за што парите попрво да ги дадам – дали за струја, за вода или за лекови, вели пензионерка од Велес која со патерици дојде на протестот. Изморена од горештината седна пред министертвото за труд, од каде ги слушаше барањата на пензионерите. Се пожали дека со тие 12.800 денари, не може да закрпи крај со крај, па затоа бара итно зголемување на пензијата од 3.500 денари.

- „Земам 12.800 денари – не се живее со тие пари. И 3.500 денари се малку, барем 5.000 денари да ни зголемат. Ноќе умирам, дење воскреснувам: не знам каде парите најпрво да ги дадам – дали за струја, за вода или за ѓубре“, вели пензионерка која што учествуваше на протестот.
Понижени и навредени со најавеното септемвриско покачување на пензиите од 6%, највозрасните граѓани од цела Македонија масовно излегоа на протест во Скопје за да го изразат своето незадоволство.

- Имаме поддршка од универзитетските професори, а и заменик директорот на Фондот од Прилеп ни рече има пари, не отстапувајте, барајте ги своите пари. На овој собир патувавме од цела Македонија. Во ноември 2021 година кога беше најголема инфлација, енергетска и здравствена криза требаше со тој процент да ни ја зголемат пензијата. Бидете единствени и согласни да не им дозволиме да играат со нас, со нашите деца. Ние со нашата голема бројка од 336.000 граѓани сме столбот на Македонија, рече пензионерка од Прилеп која ги прочита барањата на пензионерите.
Пензионерите кои дојдоа од повеќе градови најпрво го изразија револтот пред седиштето на Сојузот на здруженија на пензионерите и побараа оставка од претседателката Станка Трајковска која неодамна на преговорите во Владата во име на пензионерите се согласи за процентуално зголемување на пензиите од 6%, што пензионерите го сметаат како неосновано.

Откако се изначекаа пред вратата на ресорното министерство кое беше опколено со полиција, кога најголемиот дел си раззаминаа, министерката ги прими на средба и ги слушна нивните барања. Јованка Тренчевска им вети дека сите барања ќе бидат разгледани, но последниот збор ќе го има Владата. Смета дека нивното барање за линеарно зголемување е противуставно, а барањето за минимална пензија од 18.000 денари не е праведно кон пензионерите што овој износ го земаат сега, а имаат 35 или 40 години работен стаж.

На пат за Скопје, загина пензионер од Неготино на автопатот кон Скопје, кога пензионери застанале на пауза. Пензионерите кои се собраа во главниот град со едноминутно молчење му оддаоа почит на починатиот, кој не дочекал да го поддржи протестот.
Борис Грујоски