Расте дупката во ПИОМ

Дупката во пензискиот фонд постојано расте, Владата од година в година префрла се повеќе пари за редовна исплата на пензии, но анализата на министерството за труд која треба да резултира со реформи во системот се уште не е готова. Бизнисот бара работниците подоцна да одат во пензија, а експертите велат дека зголемувањето на старосната граница во комбинација со пораст на стапката на придонесите за пензиско осигурување ќе го намалат дефицитот во државниот пензиски фонд за околу 90 милиони евра по 5 години. Граѓаните велат, дека ниту работниците ќе прифатат подоцна да се пензионираат, ниту пак газдите имаат пари да плаќаат повеќе за придонеси.

Пензионерите, пак, велат дека и покрај тоа што од овој месец почнаа да добиваат за 1.8% поголеми примања поради растот на платите и трошоците на живот, не можат да се пофалат дека живеат достоинствен живот.

Официјалната статистика покажува дека низ годините расте бројот на пензионери, но и бројот на вработени и покрај иселувањето на младите. Сепак, фондот од година в година се повеќе ја губи финансиската независност. Ако во 2011-та, 36% од приходите биле директна поддршка од државниот буџет, лани тој се надополнил со 44 отсто пари од државната каса. Годинава 890 милиони евра ќе се издвојат за пензии, а самиот фонд во стратешкиот план проектира дека во 2021-та ќе му требаат над една милијарда евра за исплата на пензии. Дополнително Владата во ребалансот на годинешниот буџет скрати од капиталните инвестиции за да додаде пари во државниот пензиски фонд.

ММФ со години алармира дека македонскиот пензиски фонд е неодржлив на долг рок и дека му се неопходни добро осмислени реформи. Светска Банка пак препорача зголемување на старосната граница за пензионирање на што Владата првично одговори дека засега не се размислува во оваа насока.

Тања Попова