Пендаровски слично на ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции за внесување на бугарите во македонскиот Устав

Македонија мора да има некаква гаранција од Софија и Брисел дека барањето за вметнување на Бугарите во Уставот ќе биде последно за деблокада на интеграциите – претседателот Стево Пендаровски им врати на бугарските колеги кои преку нова провокација бараат прво отворање на македонскиот Устав, исполнување на пакетот 4+1 барање, па дури потоа да се разговара за тргање на ветото. За Пендаровски било уцена барањето на Радев и Јотова, ама додава дека ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оти партијата нема да поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите во него, доколку не се добие гаранција од Софија дека нема да има нови условување, е сосема коректен.

– Го зборувам тоа со месеци. Не е проблем да ги внесеме и Хрватите, Црногорците, сме ставале и други народи, ќе ги ставиме и Бугарите, но која е гаранцијата. Срамота е секој понеделник да го отвораме Уставот. Тој е сувереноста, белегот на една држава, изјави претседателот Пендаровски, додавајќи дека ако Софија е сериозна тогаш нека потврди дека ова ќе биде последно барање и дека ако го исполниме нема да постави друго.

Дека до јуни се мали шансите да се промени сликата со блокираниот интегративен пат на Македонија индиректно потврдува и шефот на државата. Сепак посочува дека ако не добиеме датум за преговори во јуни, после тоа многу тешко ќе може да се убедат граѓаните дека треба да продолжат со истиот ентузијазам.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски пак не верува во убавите зборови на Пендаровски. Категоричен е дека ВМРО ДПМНЕ нема да прифати менување на преамбулата на Уставот додека не добијат гаранции дека со тоа ќе запрат сите бугарски барања.

-Зборувате претпоставувам за оној истиот Стево Пендаровски кој што потпишуваше по нарачка на Заев што ќе му текне, и оној истиот Стево Пендаровски кој што велеше дека Гоце Делчев е Бугарин. Претпоставувам за тој човек ме прашувате? Јас нема да ги цитирам неговите изјави, јас само ќе кажам дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. ВМРО-ДПМНЕ не може и нема да поддржи бидејќи за промена на Уставот се потребни 2/3, било каква интервенција во Преамбулата без да добиеме од страна на бугарскиот Парламент јасни гаранции изгласани дека од тој момент до денот кога ние ќе бидеме земја членка на ЕУ сите отворени прашања се затворени и нема да има дополнителни барања од страна на Бугарија, истакна Мицкоски.

Додека македонските власти одбиваат да одговорат конкретно каква е националната стратегија по новиот пакет ултиматуми од Бугарија, во Софија тамошните историчари најавуваат формирање на заедничка бугарско-македонска „Комисија за историја во сенка“, која ќе работи паралелно со постојната Комисија за историски и образовни и која би требало да го трасира патот на преговарачкиот процес меѓу Бугарија и Северна Македонија. На чело на таквата комисија ќе биде историчарот Стефан Дечев, кој најавува дека комисијата ќе има своја агенда, свој календар и свои состаноци и цели.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста