Пендаровски призна: Референдумот правно пропадна

Пенадровски призна – Референдумот не успеа бидејќи не беше постигнат определениот цензус. За разлика од премиерот Заев и министрите во владата кои по секоја цена докажуваат дека референдумот бил успешен,  националниот координатор за НАТО јавно призна дека тоа едноставно не е така. Во интервју за англискиот сервис на Ал Џезаира Пендаровски се обидуваше да појасни дека власта и опозицијата започнуваат преговори за промена на уставот врз база на тоа што огромно мнозинство од граѓаните гласале за поддршка на Преспанскиот договор, но водителката од Лондон го соочи со очигледните факти по што тој ја потврди реалната состојба дека цензус немало и референдумот едноставно не успеал, иако постоеле правни интерпретации на неговата партија кои велат поинаку.

Стево Пендаровски: Ако ги имаме на ум резултатите од денешниот референдум, каде околу 92 проценти од луѓето гласаа „За“ прифаќање на Договорот со Грција и со тој предуслов за влегување во НАТО и подоцна во ЕУ, значи дека од понеделник ќе започнеме преговори со главната опозициска партија околу промената на уставот…

Ал Џезира: Се извинувам што ве прекинувам, се извинувам, вие велите дека мнозинството гласало За, но всушност, шефот на Државната изборна комисија соопшти дека референдумот не го достигнал цензусот, што значи, јасно е дека одлука за промена на името не е донесена.

Стево Пендаровски: Тоа е една компонента. Да, вие сте во право, тоа е точно, но тоа е само една компонента од целата работа. Цензусот не е постигнат.

Од друга страна и грчката пропагандна машинерија воопшто не се обидува да го негира фактот дека референдумот за името не успеал, туку на тамошните граѓани им нуди објаснувања како тоа се случило. Влијателниот „Катимерини“ вели дека резултатот од референдумот е пред се пораз за Западот кој ги повторува истите грешки како за време на кампањата „Да“ на референдумот во Грција во 2015 година во врска со програмата за спас на земјата. Коментаторот вели дека исто како и тогаш во Грција, на големите имиња како Меркел или Матис кои во знак на поддршка на референдумот го посетија Скопје противниците на договорот одговорија со тивко се мобилизирање на социјалните медиуми и сликовито објаснува дека „како што често излегува во последниве години, движењето на отпорот успеа да ја победи редовната армија.“

„Катимерини“ додава дека премиерот Заев не е особено харизматичен политичар, а поддршката за него е прилично шуплива. Прогнозира дека „тој ќе се обиде да ги убеди своите сонародници дека „не“ значи „да“, но ќе биде многу тешко за ова да помине во парламентот на ПЈРМ без нови избори“. Заклучува и дека евентуален колапс на договорот би бил во интерес на грчката влада бидејќи тогаш ќе биде избегната сценарио на раскол меѓу Ципрас и неговиот помлад националистички коалициски партнер Панос Каменос.

Драган Милосављевиќ