Пендаровски потпиша нови укази – Началникот на ГШ нема да го загуби чинот

Outgoing President of North Macedonia Gjorge Ivanov (C) leaves after the inauguration ceremony of the newly elected president Stevo Pendarovski (L) in President residence in Skopje North Macedonia on 12 May, 2019.

Претседателот Стево Пендаровски повлече пет од шесте укази на неговиот претходник Ѓорге Иванов за унапредувања и поставувања на други позиции во Армијата и истовремено донесе нови. Два од новите укази се исти како и тие што ги донесе бившиот претседател, еден е за разместување на друга позиција, а за другите две назначувања кои сега се разрешени дополнително ќе се решава. За шестиот указ на Иванов со кој генерал мајорот Васко Ѓурчиновски се унапредува во генерал полковник, Пендаровски не можел да стори ништо, бидејќи како што објаснуваат извори од неговиот кабинет, тој нема законски основ за одземање на чин. За да се одземе чин, потребно е тоа лице да стори кривично дело или некој сериозен дисциплински прекршок, што генералот Ѓурчиновски не го направил.

За указите на Иванов, Антикорупциска во април покрена прекршочни постапки, при што не беше утврдена корупција, ниту пак судир на интереси, но спорно е тоа што се донесени на 25 февруари 2019, откако веќе беа распишани претседателските избори на 8 февруари годинава.

Од Кабинетот на поранешниот претседател уште претходно изнесоа став дека донесените укази се согласно член 18 од Законот за одбрана, со кој Претседателот и врховен командант на Армијата поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали и поставува и отповикува воени претставници на Републиката во странство. Указите биле донесени на предлог на МО и ГШ на АРМ, согласно нивните надлежности, во постапка која траела неколку месеци, а претставува редовна обврска во делокругот на непречено функционирање на државата. При донесувањето на шесте укази, според кабинетот, биле почитувани одредбите од Изборниот законик и одредбите од Законот за спречување на корупција.

Драган Милосављевиќ