Пендаровски песимист – Не очекува кревање на бугарското вето

Со кој образ ќе излеземе пред граѓаните за да им кажеме наместо Европска Унија, се вклучуваме во нова европска иницијатива, а тоа е Отворен Балкан. Претседателот Пендаровски не крие дека нема ниту „н од надеж“ за тргање на бугарското вето.

Во изминативе години имавме преголеми очекувања. Бугарскиот премиер Кирил Петков е осамен лик на политичката сцена на Бугарија. За нас таа приказна е завршена и не моеме да очекуваме промена на позицијата на Бугарија во однос на ветото што го наметна кон нашата земја. Моја проценка е дека Петков се обидува со сѐ што прави да го омекне националистичкото крило во Бугарија. Имаше анкета и кај нас во која 72 отсто од граѓаните се против договор со Бугарија дури и при услови на зачувување на нашиот идентитет“, вели Пендаровски.

Пендаровски од друга страна вели треба внимателно да се постапува во однос на другите иницијативи за здружување и соработка меѓу европските земји. Претседателот не крие дека има стравувања во врска со Отворен Балкан, чијашто идеја била добра, но постои можност да стане алтернатива на Европската унија.

Во меѓувреме, поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов им порача на бугарските политичари да престанат со агресивниот тон кон Македонија. Според Стојанов, колку и да се заострени позициите, дијалогот, како што вели, помеѓу „двете братски држави“ мора да се води во пријателски тон.

„Бугарија никогаш нема да ѝ објави војна на Македонија, тоа е лудост. Но, овој предизвикувачки и агресивен тон кон западниот сосед овозможува да се создаде една нација која што ќе започне искрено да ја мрази Бугарија. Тоа е паралелата со Русија и Украина и моето предупредување“, изјави Стојанов.

Од друга страна, како наближува крајот на француското претседателство со Европската Унија така е се поизвесно дека Македонија повторно ќе остане без датум за почеток на преговори со Унијата. Бугарските медиуми брифираат дека премиерот Кирил Петков лично ќе се залагал бугарските услови за тргање на ветото да станат дел до преговарачката рамка за Македонија. Меѓутоа досега нема никакви официјални информации за што разговарал Петков со своите коалициони партнери и дали воопшто ветото за Македонија била тема ставена на маса. 

Викторија Миткова