Пендаровски: Национално помирување и единство помеѓу Македонците е невозможна мисија

Национално помирување и единство помеѓу Македонците – за претседателот Стево Пендаровски е невозможна мисија. Моменталната состојба на политичка криза, тензии, незадоволство, револт кај граѓаните, според него повеќе се должи на нарушените односи помеѓу Македонците и нетрпеливоста отколку на нарушени меѓуетнички односи. Во интервју за неделникот „Фокус“ Пендаровски изјави дека најголемот потенцијален дестабилизатор на државата се интрамакедонските односи.

Една од првите мои идеи беше да помогнам во тоа таканарешено национално помирување, посебно меѓу Македонците, но тоа е невозможна мисија. Не знам колку време треба да помине за овие длабоки рани да се залечат меѓу  Македонците, за ние да сфатиме дека македонските партии не треба да се гледаат преку нишан на пушка. Ние се гледаме како крвни непријатели – вели Пендаровски.

Политичките првенци на опозицијата за Пендаровски отишле предалеку, а тензијата помеѓу политичките чинители ја оцени како полоша и од онаа во 2001 година.

Во минатата година меѓуетничките односи не се најголемот потенцијален дестабилизатор на државата туку интрамакедонските односи. Не мислам дека меѓуетничките односи се толку лоши за да почне нешто слично како 2001 затоа што и овие што одат со запалива националистичка реторика знаат дека денес утре ќе им треба албански коалициски партнер и затоа не одат до крај да ги уриваат тие мостови. Меѓутоа, меѓумакедонските поделби се невидени, на дневна основа се употребуваат огромни количества изразни средства, кои почнуваат и завршуваат со изроди, гробови, предавници – додава Пендаровски.

Според Пендаровски, до меѓуетнички судири и тензии може да дојде доколку политичките актери ја засилат националистичката реторика.

Не е добро да постојат политички фактори што манипулираат со националните чувства на граѓаните.Јас се сеќавам на раните 1990ти години, кога ниту тогашното ВМРО-ДПМНЕ не одеше со таква запалива реторика кон другите. Ние имаме реторика кон Албанците, која е невидена, потоа имаме антизападна, антиамериканска, антигрчка, антибугарска на невидено ниво и се плашам дека некои нови генерации поведени од реториката на политичарите можеби ќе сакаат да испровоцираат инциденти – вели претседателот Стево Пендаровски.

Јазот помеѓу граѓаните од ден на ден се продлабочува, поделбите според Пендаровски се големи, и веројатно следните избори би се одржале во крајно тензична атмосфера и невидено ниво на емоции. „За жал, некои опозициски партии ова го претставуваат да се биде или не, дециден е Пендаровски, бидејќи низ призмата да се спаси Македонја, се криела потребата да се дојде на власт.

Адријана Алексиеска