Пендаровски добил препорака од две амбасади да реагира за мега скандалот „Рекет“?!

Претседателот Пендаровски синоќа предупреди дека се тресат темелите на правната држава. Силно ја осуди заспаноста на државните институции, јавно се разочара од Катица Јанева и побара строги казни за секој за кој ќе се докаже вината, без разлика дали е во прашање обичен граѓанин или висок политички функционер. Со тоа, шефот на државата практично се дистанцира не само од специјалната обвинителка, туку индиректно и од својот политички ментор, Заев за кого кажа дека имаат 102 проценти исти ставови. Самиот се постави како заштитник на татковината во ситуација кога судско-обвинителскиот и политичкиот апарат одбиваат да ја остварат таа улога. Алфа од своја страна дознава, дека сепак, одлуката за вака жестокиот настап на Пендаровски има малку поинаква позадина.

-Претседателот Пендаровски конечно се одважи и побара итно разјаснување на аферата Рекет. Според дипломатски извори на Алфа, тој се одлучи на таков чекот дури откако неговите советници добиле препорака од најмалку две странски амбасади дека претседателот не би смеел и натаму да молчи за мега скандалот!

Иако во својот настап рече дека тој од самиот почеток се залагал за итна и темелна истрага, Пендаровски суштински реагираше дури сега, речиси цел месец откако аферата излезе во јавноста. Потенцираше дека за целото тоа време воопшто не се сретнал ниту разговарал со премиерот ниту со кој било од министрите, иако аферата секојдневно се зголемува а имињата на некои од нив се слушаат во објавените аудио и видео материјали. Затоа пак, првпат јасно и гласно побара строги казни за сите оние за кои ќе се докаже вината, а со изјавата дека мора да има и политичка одговорност, дали тој отворено се сомнева дека во целиот случај се вмешани лица од највисоките ешалони на власта?

– Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти – рече Пендаровски.

Конечно, анализите велат дека оваа афера, најголемата во последниве години, буквално ги тресе темелите на владата на Заев, па се поставува прашање, дали Пендаровски се обидува да се наметне пред западните сојузници како единствен човек од актуелните владејачки кругови кои би можел да биде партнер во пресрет на зачленувањето во НАТО и разврска со датумот за ЕУ?

Драган Милосављевиќ