Пеколните температури ги „запалија“ повиците на брзата помош

Цела Македонија е зафатена од пеколни горештини. Прогласена е и портокалова фаза, а пеколно време се очекува и во наредните денови. Топлотниот бран го зголеми и бројот на повици кон службата за Итна медицинска помош. Само денеска службите имале нешто повеќе од двојно зголемен број на повици, а очекуваат бројот да расте. Лекарите велат дека само викендов, бројката надминала над 150 интервенции.

Околу секојдневните проблеми предизвикани од топлото време, брзата помош регистрирала и зголемен број колапси на јавно место. Советуваат никако да не се излегува надвор без потреба. Во текот на екстремно топлите денови препорачуваат да се остане подолго време во климатизирани простории.

– Бележиме зголемен број на колапси на јавно место околу десетина за едно деноноќие. Се бележат и зголемен број сообраќајни нерсеќи, што може да биде и последица на влијанието на високите темепратури врз способноста на возачите, вели доктор Весна Неделкоска, од Итната медицинска помош.

Дека изгор жешки денови ќе имаме и наредниот период потврдуваат и синоптичарите. Мало заладување со дожд очекуваат кон средина на недела, а веќе од викендов и натаму, повторно ќе биде неподносливо.

– Во среда температурата ќе достигне до 40 степени, а попладнето и во четврток ќе има зголемување на облачноста проследено со локален пороен дожд и грмежи, кога се очекува и намалување на температурата, најпрво во северните делови, а од петок и насекаде низ земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Препораките за справување со горештините остануваат исти. Поради најавените високи температури, лекарите апелираат да не се излегува надвор кога е најтопло, и внимателно консумирање храна.

Борис Грујоски