Пациентка почина од сепса по операција во Прилеп, салите се затворени поради сомнеж за опасна бактерија
Во прилепската Општа болница, од денеска, затворени се седумте операциони сали на сите одделенија. Причина, интерхоспитална инфекција, предизвикана од бактеријата „serratia“, дознава Алфа од свои извори. Четворица пациенти кои претходниве денови биле оперативно лекувани, две на Гинекологија, и по еден на Ортопедија и Хирургија, заради постооперативни инфекции, односно сепса, биле испратени на Инфективната клиника во Скопје, каде за жал, една од пациентките, пред четири дена и починала.
„Станува збор за 52-годишна жена врз која била извршена полесна, рутинска хирурушка интервенција на Гинеколошкото одделение. Зафатот поминал без проблеми, немало крварење, но наместо да се опоравува, пациентката набрзо паднала во кома, по што ургентно била префрлена во Скопје каде и починала“, велат нашите добро-упатени извори.
Според нив, останатите тројца пациенти, и понатаму се наоѓаат на лекување во Скопје. Дел од лекарите признаваат дека и досега имало интерхоспитални инфекции во Болницата, но најчесто станувало збор за т.н. „мрса“, ама присуството на бактеријата „серација“ била исклучителна реткост, па се сомневаат дека до оваа опасна ситуација, најверојатно е дојдено заради нехигиенски услови или заради нередовна и нестручна стерилизација. Загрижени за здравјето на своите пациенти, некои од лекарите во изминативе десетина дена, дури почнале на своја рака да одложуваат некои од неитните операции.
Од менаџментот на Болницата, откако вчера не добивме никаков конкретен одговор за новонастаната состојба, правдајќи се дека немаат точни сознанија, утрово, сепак ни ја потврдија информацијата дека сите операциони сали се затворени заради постоење на соменежи за интерхоспитална инфекција. „Стручна комисија допрва ќе треба да утврди за каков вид бактерија станува збор. Ќе треба да се почекаат и резултати од обдукцијата на починатата жена. Дотогаш, не би шпекулирале ништо. Неитните операции ќе се одложат, а додека итните ќе се прават во болниците во соседните градови“, – кратко ни одговорија од Болницата.
Уште пред неколку дена одговор побаравме и од Инфективната клиника во Скопје. Прашавме колку пациенти од Прилеп се хоспитализирани кај нив и со каква дијагноза. Но, до овој момент, оттаму повратно не добивме ништо.
Инаку, пред една недела почина и 30-годишен пациент чии блиски обвинија дека момчето починало заради несоодветен третман во Болницата. „10 дена го лекуваа со витамини и клексани без точно поставена дијагноза, а момчето имало два инфаркти. Почина во Скопје, откако доживеа и трет инфаркт“, реагираа на социјалните мрежи блиските на несреќното момче.
Каролина Дурло