Партијата и државата повторно се измешаа – партиски средби за државни проекти
До Групчин една власт, а од Групчин друга. Во цела западна Македонија како да владеат само партиите на Албанците, па тие се наоѓаат за повикани да примаат на посета премиери или министри на други држави. Касами го пречека Курти со сите почести, додека Ахмети во Мала Речица го нагости министерот за надворешни на Косово. Ни на едниот, ни на другиот настан немаше присутен ниту еден државен функционер, иако според протокол премиер треба да се среќава со премиер, министер со министер, посебно ако може да се верува во изјавите дека биле договарани инфраструктурни проекти. Според експертите,овие средби меѓу албанскиот политички врв и странски политичари само докажува дека Владата на СДСМ-ДУИ не функционира како едно тело.
Во соопштението од средбата на Ахмети со косовскиот министер Либурн Алиу се вели дека на маса бил ставија новиот проект за изградба на автопат Призрен-Тетово, па се поставува прашањето каде исчезна министерот за транспорт Благој Бочварски, кој е надлежен за вакви проекти. Ковачевски нема коментар за функционирање на паралелна држава, но индиректно потврдува дека нема што партии да договараат проекти, тоа било работа на владата.
Инаку, ова газење на границата меѓу партијата и државата не е единствен пример.Во неколку наврати ДУИ за партиски цели ги користеше просториите на Министерството за политички систем, со кое раководи Груби. Во јули годинава, наместо во партиското седиште, лидерот на ДУИ одржа средба со т.н. „Вајмарска тројка“ во просториите на Министерството за политички систем. Министерските простории беа користени и за потривијални работи – за „антистрес дружба“ во која министрите на ДУИ во службените простории си играа фудбал на мали голчиња, а таму беше прославен и роденденот на Ахмети во 2021 година.
Ања Лукарова