Пари има и за канцелариски мебел и клима уреди – Жестока дебата во Град Скопје

Јавното Претпријатие Комунална Хигиена годинава планира да потроши 3 милиони денари за канцелариски мебел и 1 милион денари за клима уреди. Ова е една од точките за која расправаше Советот на Град Скопје на денешната 26. седница.

Станува збор за програмата за инвестиции за 2019. На ЈП Комунална Хигиена. Седницата се вжешти кога градоначалникот Петре Шилегов рече дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ не знаеле што зборуваат кога станувало збор за финансирање на претпријатија.

На гласањето му претходеше жестока расправа во која доминираше советничката Светлана Колариќ, која обвини дека се работи за недомаќинско трошење на парите на граѓаните, и повика овие средства да се употребат за покорисна намена.

На оваа забелешка од советничката Колариќ реагираше и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој вели дека парите кои што денеска се наменети за претпријатието, може но и немора да значи дека ќе бидат потрошени.

Шилегов кој неколку пати ја напушти седницата, се правдаше дека овие пари биле предвидени за подобрување на работата на претпријатието.

Директорот на Комунална, пак рече дека согласно новиот план за вработување, покачување на платите добиле луѓето кои ги чистат улиците зашто постојано биле на улица.

Комунална Хигиена годинава ќе вработи и 300 работници, за кои опозицијата обвини дека станувало збор за партиски војници во пресрет на изборите.

ЈП „Комунална хигиена ќе набавува и нови контејнери кои ќе го собираат ѓубрето од улиците.

Советниците на Град Скопје дадоа согласност и за набавка на две нови специјализирани возила за превоз на лицата со инвалидност.

Во рамките на програмата, Градот преку ЈП Градски паркинг предвидува нови 1.500 паркинг места во Скопје. Се предвидува и изградба на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со вредност од 50 милиони денари.

Борис Грујоски