Пари за граѓаните нема, но има за над стотина фантомски институции

Во Македонија постојат стотици државни и локални институции за кои речиси никој не знае ниту дека постојат. Таканаречените „фантом“ претпријатија основани од Владата или општините фигурираат во системот, вработените земаат плата и тоа од народни пари, а никој не знае што работат. Дали навистина се продуктивни, вршат некоја дејност од интерес за граѓаните или пак административците само „клатат врата, а земаат плата“ и тоа со решение за вработување добиено по „партиски клуч“? Ретко за која од овие институции може да се најде извештај за нивната работа, а на прсти се бројат оние кои имаат сопствени интернет страници на кои ги презентираат своите активности.

Една од институциите која изминативе неколку години предизвика најмногу револт кај населението беше Националната агенција за нуклеарни технологии. Кога била формирана, колку и да звучи смешно, оваа агенција била основана за да развие технологии и истражувања во областа на нуклеарната физика, физиката на елементарни честици, како и апликации за користење во медицината и енергетиката. Нема информации ниту дали вработените нешто сработиле, ниту во која друга установа се префрлени. Со народни пари, се одело на службени патувања, им се давале хонорари на членовите на управниот одбор, се купувале теписи. И толку. Агенцијата не фигурира во последниот извештај  на Министерството за администрација, па претпоставуваме дека повеќе не постои.

Во извештајот од 2021-ва, стои дека бројот на институции на јавниот сектор е зголемен за 14 за една година. Притоа биле формирани 19 нови институции, додека 5 институции се згаснати, укинати или трансформирани. Од вкупно 1.346 институции, 8 имаат само раководно лице, во 32 нема вработени, а во 24 нема ниту раководно лице ниту вработени.

На прашањата на Алфа за тоа кои се новите органи, зошто некои повеќе не постојат и каде можат да се видат годишните извештаи за сработеното, досега одговор нема од надлежното министерство за администрација.

Меѓу институциите со еден вработен има најмногу компании формирани од општините. Па ,така, може да се види дека во комуналните претпријатија во Градско и Центар Жупа има само еден вработен. Нејасно е дали управителот и самиот го собира сметот или пак има ангажирано хонорарци кои не се наведени во извештајот од надлежното министрство. Постојат и јавни претпријатија за гасификација без вработени.

Агенцијата за регулирање на железнички сектор брои две лица, а Регулаторната комисија за домување тројца. 6 луѓе работат во Управата за електронско здравство која е надлежна за управување со системот за закажување прегледи „Мој термин“ кој често не функционира, е преоптоварен и од кој граѓаните се жалат.

Еден позитивен пример е непознатата Дирекција за радијациона сигурност, која има веб страница на која има многу информации за низа активности на нејзините 8 вработени.

155 институции имаат до 10 вработени. Сепак, има примери на луѓе што земаат плата, на места кои не функционираат. Таков случај е Детското одморалиште Берово. Токму некои од детските одморалишта, ученички домови, домови на култура низ помалите градови се само делумно функционални. На пример, во јавните културни установи во Скопје секојдневно се организираат многу изложби, претстави, концерти, а вработените добиваат иста плата како оние во , на пример, Валандово, Дебар, Пехчево со само неколку настани годишно.

Министрите за администрација низ годините признаваа дека некои институции се нефункционални, дека некои треба да се укинат или пак да се спојат оние со слични надлежности, но сепак со одредени исклучоци, тоа не се случи во посакуваниот обем.

Во извештајот јасно стои информацијата дека на први јануари годинава во јавниот сектор работеле 132 илјади лица. За една година се вработиле дополнителни 905 административци.

Тања Попова