Парадокси: Увезуваме земјоделски производи кои може дома да ги произведуваме

Памукот и афионот можат повторно да се вратат на македонските ниви, но потребна е стратегија и добра организираност во делот на производството и откупот, како и набавка на софистицирана земјоделска механизација,сметаат експертите.

И додека овие индустриски култури полека исчезнуваат, нашата држава троши милиони евра за увоз на финалните производи и покрај тоа што имаме услови за домашно производство

– „Генерално и за памукот и за афионот можат да се создадат услови да се произведувт, но со една добра организација. Преку ИПАРД фондовите набавување на нова механизација, организирано производство, однапред склучени договори со откупувачите, пристојни цени. Да не биде како што е во најчест случај производителот да биде најоштетен„ – смета проф.д-р Љупчо Михајлов.

Токму и манипулацијата при исплата и откупот на шеќерната репка е причина за оваа култура, целосно да исчезне од нашите ниви. По продажбата на фабриката за преработка на шеќерна репка во Битола, последен пат шеќерна репка е насеано пред петнаесетина години.

– „Таа се приватизира, се трансформира. Се продаде на странски купувач кој немаше намера да ја откупи за да ги натера земјоделците да произведуваат шеќерна репа , туку само да остварува профит и да увезува сировини од други култури за да произведува шеќер. Тоа се придонесе, со нивното несовесно однесување„-изјави проф. д-р Љупчо Михајлов.

Недоволната искористеност на плодното земјиште и намаленото производство, создадоа услови нашата држава да биде увозно зависна. Тоа се потврди и за време на руско-украинскиот конфликт. Според податоците на Државниот завод за статистика во 2021 година се увезени прехранбени производи во вредност од 745,4милиони евра, што е годишен раст од 12,2отсто во споредба со претходната година. Најмногу се увезува месо и месни производи, зеленчук и овошје, а на трето место е житотот и преработките од жита.

Александра Ристевска

Advertisements