Палмер им честита на 80-те пратеници – го отвориле патот за европска иднина

Осумдесетте гласа во Собранието за поддршка на Договорот од Преспа претставуваат историска пресвртница и го отвораат патот за европска иднина за Македонија и македонскиот народ. Американскиот заменик-помошник државен секретар, Метју Палмер на пресконференција со премиерот Зоран Заев порача дека на патот кон европската и евроатланската интеграција, Македонија може да смета на поддршката на САД.

– Премиерот Заев и јас денеска имавме широк разговор за Преспанскиот договор, процесот на неговата имплементација, процесот на приклучување на Македонија во НАТО и ЕУ. Сакам да му нагласам на македонскиот народ и на македонските политички лидери дека на патот кон НАТО и ЕУ, и потоа при евентуалното зачленување во ЕУ, дека ќе можат да се потпрат на пријателството и поддршката од Америка, рече Палмер.

Премиерот Заев пак, посочи дека средбата со Палмер доаѓа во исклучително важен момент за Македонија, само неколку дена по големиот исчекор кон иднината направен во Собранието.

– Се согласивме дека одлуката на пратениците има историско значење. Таа одлука на пратениците и од позицијата и опозицијата уште еднаш ја потврдија евроатлантската определба за иднината на нашата земја. Пратениците и демократските сили во земјата храбро преземаа одговорност и испишаа историја, рече Заев.

Палмер оствари средби и со шефот на дипломатија Никола Димитров, со Министерката за правда Рената Дескоска и со лидерите на најголемите албански партии. Со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и со претседателот Иванов не се видел, но тоа само по себе не значело дека е некаква порака туку, како што рече, при секоја посета треба да се направи распоред на времето како најдобро да се искористи.

„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски испрати писмо до Вес Мичел, кое јас внимателно го прочитав. Тоа што не се сретнав со него значи дека е некаква порака“, рече Палмер.

Инаку Палмер на денешните средби со државниот врв дискутирал и за реформската агенда на земјата, при што била истакната неопходноста од посилна борба против корупцијата, како и измените на законите со цел да се зајакнат и гарантираат независноста, самостојноста и непристрасноста на судството.

Драган Милосављевиќ