Пак расте цената на нафтата на светските берзи

Цените на нафтата на светските берзи повторно се зголемија и сега се над 71 американски долар кога Саудиска Арабија објави дека глобалната понуда би требало да се намали за еден милион барели дневно.

На пазарот во Лондон цените за барел пораснаа 1,08 долар во однос на претходното затворање и изнесуваат 71,26 долар.

На американскиот пазар беа тргувани барели по 74 центи повисока цена, односно по 60,93 долари.

Саудискиот министер за енергија рече дека глобалното производство треба да се намали за еден милион барели дневно во однос на нивото во октомври со цел повторно да се воспостави рамнотежа на пазарот и да се избегне несакана акумулација на резервите.

Според официјалните податоци, производството на Саудиска Арабија, Русија и Соединетите Американски Држави (САД) се зголеми во претходните три месеци за 1,05 милион барели на ден.

Затоа Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ќе мора да го приспособи производството, кое изнесува околу 33,3 милиони барели дневно.

Цените на нафтата паднаа во октомври околу 20 отсто поради брзиот раст на глобалната понуда и заканите за намалување на побарувачката, особено од страна на корисници, како што се Индија, Индонезија и Кина, чии валути ослабеа во однос на доларот, и поради намалување на нивната куповна моќ.

ОПЕК соопшти дека цената на барел од референтната кошница на сурова нафта во петокот изнесуваше 68,89 долари, што значи дека паднала 1,79 долар во однос на претходниот ден.