Пазарите затворени, пазарџиите на протест со порака до власта: Ние сме луѓе, не сме животни

Затворени вратите на пазарите, муштериите кои утринава дојдоа да купуваат на Зелениот пазар во Скопје ги дочека транспарент „Протест“. Наместо зад своите тезги, пазарџиите утринава се преселија пред Собранието, каде протестираат поради најновите законски измени, со кои како што самите велат се удира директно врз нивниот џеб и им се отежнува и така тешката живеачка.

Тие најавија дека секој ден ќе протестираат и пазарите ќе останат затворени додека не се исполнат нивните барања, а тоа е повлекување на новите законски решенија, со кои се предвидува плаќање лиценца за тезгите и се забранува лицата кои имаат било каков, па макар и минимален приход, да работат на Зелен пазар.

-Секој ден има да протестираме. Они донесоа закон, никој не не праша нас како сме ние, ме разбираш. УЈП плаќаме 9.000 денари годишно, 5.500 тезга плаќање, 4.000 денари магацин плаќаме. Они сакаат да го откажат текстилот, ако го откажат текстилот ние ќе останеме само 50 тезги што ќе плаќаме. Со 50 тезги не може да опстане пазарот. Секој ден има протестираме, вели еден од пазарџиите.

-Ние губиме со лиценциве, оти плаќаме 100 евра тезга, данок 9.000 Управа за приходи. Значи сега лиценца, тоа не можеме да го издржиме. Роба немаме тука никакви услови за продавање, надвор многу се продава, маркети многу има отворено. Ние тоа не можеме да го издржиме, вели една од продавачките на пазарот.

Дополнително се жалат и дека луѓето од власта не мислат на тоа во какви услови тие работат. Покрај новите законски решенија, голем проблем за пазарџиите е и платениот паркинг пред Зелениот пазар, каде граѓаните треба да платат 40 денари за еден час.

-Треба народот да се земе во обзир, народот. Ние сме луѓе, не сме животни, вели една од продавачките на пазарот.

-Никој за нас не мисли ни за студ, ни за топло. Значи немаме никакви услови за работа, само да се даваат пари.

-Никој муштерија не доаѓа за едно кило лимон да плати 40 денари паркинг, тоа го нема никаде, Оваа влада ќе не дотера до питачки стап, вели една од продавачките на пазарот.

Дел од пазарџиите кои излегоа на протест упатија и директна порака до премиерот Заев.

-Јас имам три тезги, нека дојде господинот Зоран Заев, ќе му ги дадеме и лиценци ќе му платам, он со жена му да дојде да мрзне на минус 22, прати порака од премиерот еден од пазарџиите.

-Ние сакаме да збориме со Заев. Јас сум од Арачиново. Не знам, сите од Арачиново се со Заев и денеска нека дава збор пред Албанците, порача една продавачка од Битпазар.

Утринава со протест пред Собранието започнаа пазарџиите од Зелениот пазар, а подоцна ним им се приклучија и оние од Битпазар, кои прво го блокираа булеварот Крсте Мисирков.

Поголемиот дел од пазарите утринава беа со катанци. Инаку, според новите законски решенија, лиценца за една тезга чини 3.600, а доколку некој има повеќе тезги за секоја наредна ќе плаќа уште 2.400 денари.

Матеја Петровски