Павле Богоевски сам се смете-поднесува оставка со одложена примена

По притисок од јавноста за скандалот со видео снимката во која Павле Богоевски нарачува наркотични средства, тој денеска поднесе оставка од пратеничката функција. Вели од морални причини одлучил да го врати мандатот, и уште еднаш од собраниската говорница потврди дека негов е гласот кој се слуша во снимката.

Богоевски најави дека нема да ја предводи Комисијата за мандатно имунитетни прашања поради оставката која ќе се ефектуира дури по гласањето во Парламентот за одземање на мандатот на Никола Груевски.

Од опозицијата пак бара Богоевски и кривично да одговара да направените криминали. Велат оставката не е доволно оправдување за незаконското купување на наркотични средства кое и самиот го призна. Од власта пак го поздравија чекорот на Богоевски, за нив ова било храбра одлука.

Од пратеничката група на СДСМ сепак не сакаа да одговорат дали како што побараа од морални причини оставки да си поднесат и пратеници од опозицијата, ќе побараат оставки од пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов кои беа дел од собраниските настани.

Комисијата за мандатно имунитетни прашања денеска требаше да расправа за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, но истата беше прекината по оставката на Богоевски. Засега нема информација кога повторно ќе заседава ова собраниско тело.

Ивана Соколовиќ Најдова