ОЈО со детали за инцидентот во Чаир и избодениот бугарски хулиган

Основното јавно обвинителство Скопје сподели нови детали за избодувањето на бугарскиот навивач во Чаир, што е само еден од инцидентите кои вчера го одбележаа фудбалскиот натпревар меѓу Шкупи и Левски од Софија.

Според првичните сознанија на Обвинителството, до инцидентот дошло откако навивачи на „Левски“, со две возила со бугарски регистарски таблички, се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”, каде прво влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.

Потоа, бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во тепачка со група граѓани кои излегле од околните објекти.

При враќање во автомобилот, 29 годишен бугарски државјанин бил прободен со остар предмет во стомакот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба.

Првични сознанија на Обвинителството се дека локалните граѓани вклучени во инцидентот не се дел од навивачка група. Но, тоа ќе се провери.

„Со цел утврдување на идентитетот на граѓаните кои учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и целосно расчистување на настанот, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Освен тоа, обезбедени се видео записи од околните објекти и од камерите на системот ‘Безбеден град’, а се преземаат и други дејствија“, велат оттаму.

Ова е само еден од настаните кои го одбележаа вчерашниот натпревар. Полицијата извести дека уапсила вкупно 21 лице.

Двајца навивачи на Шкупи и деветнаесет на Левски од Софија се товарат за нарушување на јавниот ред и мир – пред и за време на натпреварот, а дел од нив и за физички напад на полициски службеници.

Advertisements