ОЈО: Предметите за „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис III“ се во предистрага, детали не откриваме

Неколку месеци откако Обвинителството отвори предмет за бугарското Здружение „Цар Борис III“ во Охрид и Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, се уште нема детали за постапката. Oхридското обвинителство во август оформи предмет по допрен глас но откако информираа дека побарале документација за да испитаат дали имало пропусти во регистрирањето на Здружението, веќе не даваат никакви информации. Јавниот обвинител Никола Довлев, во телефонски разговор само не упати, одговори да бараме во Основното јавно обвинителство Скопје. Оттаму се огласија ,но само дека случаите се во предистражна постапка. Кривичната пријава во врска со Културниот центар во Битола „Ванчо Михајлов“ е поднесена пред 5 месеци. Тогаш Обвинителствто издаде наредби за обезбедување докази од СВР Битола, Централен регистар и Министерството за правда но ниту за овој случај нема никакви детали.

Двата случаи се во предистражна постапка. Обезбедена е дел од документацијата поврзана со регистрацијата на здруженијата. Таа документација се разгледува по што ќе биде донесена одлука за понатамошно постапување – ни одговорија од ОЈО.

И додека институциите молчат, а јавноста има впечаток дека кој сака може да си отвори клуб или здружение и да го крсти како што сака, расте револтот кај Еврејската заедница во Македонија. Тие предупредуваат дека со ова фашизмот се враќа на мала врата.

Истражните органи да ја отпочнат истрагата, и да донесат одлука, таквите здруженија да се затворат со имиња на луѓе кои активно учествуваа во депортацијата на Евреите од Македонија. На ваков начин ако се постапува и ако такви имиња се даваат на разно-разни културни центри, тоа е повампирување на фашизмот, негирање на Холокаустот а тоа би требало да биде кривично дело. Еве не мора да ги затворат, нека им наложат да ги променат имињата. Јас не знам зошто сами не ги променат, кога гледаат дека провоцираат – вели претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви.

Надлежните наместо да реагираат, ја префрлаат топката од институција на институција. Министерството за правда, формираше советодавно тело кое ќе ја разгледува употребата на имиња на историски личности во називи на здруженија, до донесувањето на новиот Закон за здруженија на граѓани и фондации. Сепак, министерот за правда нема одговори ниту дали ова тело може да ги разгледува досегашните случаи, ретроактивно. Вака, во јавноста се дава впечаток дека никој не може или не сака да спречи отворање на клубови и здруженија со имиња на соработници на фашистите.

Бугарите, ситно одбројуваат до сечењето на црвената лента кое ќе се случи во петок. Слично како и во Битола, каде што на отворањето присуствуваше тогашниот премиер Кирил Петков и негови колеги, и за отворањето во Охрид се очекуваат високи политички гости од Бугарија. 

Отворањето на Клубот во Битола, предизвика бурни реакции. Јавноста беше згрозена што овој центар носи име на соработник на Хитлер. За апсурдот да биде поголем, се наоѓа во Еврејско маало.

Адријана Алексиеска

Advertisements