ОЈО по скоро две години тврди дека има докази за наводни организатори за 27 април

Никола Груевски како лидер на партија го повикал членството на протести и затоа со поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста,тврди обвинителството за гонење организиран криминал.

Во групата според обвинителката Вилма Рускоска организатори се и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски и екс разузнавачот Никола Бошкоски.

-Осомничениот Н.Г. тогаш како претседател на политичка партија ги повикал преку медиум граѓаните на протести и заедно со другите обвинети ја ставиле во функција целата партиска структура на таа политичка партија – изјави Вилма Рускоска обвинител.

За Рускоска е спорно што Груевски ги повикал граѓаните на протест пред ДИК во декември 2016 та година,а потоа протестите продолжиле следната година и резултирале со случувањата во Собранието на 27 април. Но, рече дека не било потребно во изминативе години да го повика на распит или да даде исказ ако постоеле сомнежи дека тој сторил толку тешко кривично дело.

-На распит во предистражна постапка за првиот предмет беа повикани двајца од сега осомничените. Така што не сметам дека било што со тој распит и да бил извршен тогаш би се добило- рече Рускоска.
Во меѓувреме во судот пред сам крај е судењето за според ОЈО ,,извршителите на собраниските настани“. Во таа постапка сега осомничените беа спомнати само од страна на обвинетиот Александар Василевски Нинџа.

Додека пак Никола Груевски бил споменат од заштитениот сведок, но јавноста кога тој сведочеше беше исклучена. Сега тврдењето на обвинителството за гонење организиран криминал, се поклопува со тоа што го посочи Нинџа за наводни организатори на собраниските настани. Крвавиот четврток според Рускоска немало да се случат доколку пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски не ги отвориле вратите на Собранието.

-Јас сметам дека доколку не беа отворени вратите крвавите настани немаше да се случат –додаде обвинителката.

Мукоски и Василевски се дел од групата кои беа ослободени од кривичен прогон со законот за амнестија кој го донесе власта, по што и тие пратеници гласаа за уставните измени и промена на името на државата.

Од синоќа Јанакиески и Ристовски се во притвор бидејќи обвинителството смета дека после две години од случувањата постои опасност да избегаат или да влијаеле на сведоци во истрагата.

Рускоска ќе бара екстрадиција за Бошкоски и Груевски. За Вељаноски од пратеничкиот имуните зависи дали ќе биде повторно уапсен и однесен на распит во судот.

Катерина Гетева