ОЈО побара, судот одобри: Притвор за Митко Чавков на три дена пред објавувањето на пресудата за 27-ми април

Пред неполн час поранешниот директор на БЈБ и Министер за внатрешни работи Митко Чавков бил приведен на барање на Јавното обвинителство за определување мерка притвор „поради опасност од бегство“.

Според соопштението на ОЈО, „Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе Предлог за определување мерка – Притвор према М.Ч. согласно чл.165 ст.1 т.1 од Законот за кривична постапка.“

ОЈО тврди дека „по добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, обвинителството побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка притвор.“

Обвинетиот е дел од предметот што се води за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата, стои уште во сооптшението од ОЈО.

Според последните сознанија, одлуката на судот по барањето на ОЈО била експресна и Чавков е веќе спроведен во КПУ Скопје-Скопје.

Митко Чавков се бранеше од слобода 316 дена откако му беше прифатена гаранција со имот во вредност од 600.000 евра на 30-ти април минатата година. Се јавуваше на сите рочишта, а е приведен од својот дом, во кој се наоѓал и денес, на три дена пред објавувањето на пресудата.

Претходно на сличен начин со „информации за можно бегство“ во притвор на барање на СЈО беа притворени Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.