ОЈО и МВР без конкретни информации за монструозниот скандал на Онкологија
Грозоморен скандал еднаков на геноцид ја тресе државава, а обвинителството нема ниту кривично дело, ниту барање за притвор.
Предистрагата за мега аферата со продажба на цитостатици на црно засега не е дел од организиран криминал, туку е во рацете на обвинителка од скопското обвинителство.
Додека јавноста врие и семејствата на болните од Онкологија не можат да се повратат од шокот како се лекувани нивните блиски, од ОЈО со сопштение во кое не кажуваат речиси ништо.
Според ОЈО се уште се прават претреси и на други локации. Ги повикуваат сите граѓани што имаат информации да ги споделат со нив, а од медиумите бараат да ја почитуваат пресумпцијата на невиност за докторите и сестрите од Онкологија.
Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање на сторители на кривични дела, презема и други дејствија кои во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста, велат од ОЈО.
Од ОЈО велат дека веќе воделе три постапки за изолирани случаи на Клиниката за Онкологија.
И министерот за внатрешни Оливер Спасовски не открива детали за истрагата освен тоа дека се опфатени голем број на луѓе. Според него виновниците имаат име и презиме и тоа мора да биде утврдено во постапка.
Скандалот на Онкологија четврт ден ја тресе Македонија. Засегa МВР и Обвинителство не откриваат ништо и се правдаат дека тоа е во интерес на истрагата, а во јавноста излегуваат се повеќе информации и сведоштва за нелегална продажба на цитостатици, како и тоа дека на болните им се вбризгувал физиолошки раствор наместо терапија.
Медиумите се преполни со сведочења од блиски на болните кои се посомневале во терапијата на болните, бидејќи биле на хемотерапија, а не покажувале симптоми дека ја примаат.
Нејасно е како истражните органи досега немаат никаков доказ за ниту еден да биде притворен, а со месеци медиумите обелоденуваа за сестрата од Онкологија која е фатена со нелегална продажба, за мртвите кои се воделе како живи за на нивно име да се набавуваат лекови, па и за апаратот кој ја дозирал и евидентирал хемотерапијата а кој во 2017 бил фрлен во подрумот на Клиниката.
Паула Костадиноска